fbpx
ВестиТоп вести

Сечачите и цепачите на дрва ја почнаа сезонава со нови тарифи

Цените на повеќето стоки и услуги годинава видно се зголемени, а меѓу нив особено е забележително поскапувањето на услугите за цепење и сечење дрва за греење, алармираат кичевци откога сезоната започна со нови тарифи, кои се повисоки за 50 денари по кубик дрва, споредено со претходните години. Тие што ги сечат и цепат дрвата, пак, се правдаат дека сите цени отишле нагоре, па биле принудени да го направат истото тоа.

– Зголемувањето на цената се должи пред сѐ на повисоките цени на сите стоки и услуги. Споредете ги цените на зелениот пазар и сами ќе се уверите колку имаме повисоки цени годинава. Од тие причини и ние сме принудени да ја покачиме тарифата и за кубик дрва да наплатуваме 150 денари за цепење и исто толку за редење, ако се бара тоа од нас. Цепењето дрва не е лесна работа и сметаме дека и цените мора да бидат повисоки. Цепењето дрва е сезонска работа и работа што не можете да ја работите во постари години, па затоа и нашите цени мора да бидат повисоки – вели Трајче, еден од малкуте цепачи на дрва во Кичево.
Освен тоа, како што додаваат сечачите на дрва, сѐ поскапо е и горивото, а и за одржување на старите машини се потребни сѐ повеќе средства.

– Цените за сечење дрва мора да бидат повисоки, бидејќи горивата постојано поскапуваат, што ја прави нашата услуга помалку исплатлива. Ако останеме со истите цени, тогаш постојано ќе бележиме загуба. Друг проблем е што нашите машини се стари и амортизирани и постојано подложни на расипување. Ова уште повеќе ја поскапува нашата работа и ако не ги подигнеме тарифите, ќе мораме да престанеме со работа – вели Војо.

Граѓаните пак, сакале или не, мора да подготват дрва за зима.
– Ние немаме друг избор и принудени сме по секоја цена да ги ангажираме сечачите и цепачите на дрва. Ако треба ќе скратиме од други работи, за да ги покриеме овие трошоци. Се знае, секое покачување за нас е нов проблем, бидејќи пензиите се мали, а ние стари за оваа работа сами да ја завршиме – објаснуваат кичевските пензионери Перо и Томе.


 

novamakedonija.com.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close