Откриени 28 рибокрадци
При вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за земјоделство фатени се 28 лица како вршат рекреативен риболов на клен и крап во близина на вливот на Беличка Река во реката Треска и кај рекреативната зона “Акумулација Козјак” во време на забрана за лов. Притоа, одземени се и девет рибарски мрежи со вкупна должина од повеќе од 500 метри.
Како што соопшти Државниот инспекторат за земјоделство, тие биле откриени на 13 и 14 мај.
Во акцијата е одземен риболовен алат, мрежи и риби, кои со потврда за привремено одземени предмети дадени се на чување во резерватот “Јасен”.
Државниот инспекторат за земјоделство, исто така, ги информира сите риболовци во Македонија дека е неопходно да го почитуваат Законот за рибарство и аквакултура и неговите подзаконски акти, како и да се придржуваат на забраните за риболов поради мрестот на рибите.