fbpx
ВестиТоп вести

Подобро заорај отколку да запалиш стрниште

 

Остатоците од жетва или од градинарското производство е подобро да се заораат отколку да се запалат. Со ваква едукативна кампања тргна град Скопје со надеж дека ќе се прошири ваквиот пристап и во другите општини. За да биде комплетна акцијата односно да нема палење на стрништа или отпадоци по завршено производство на нивите, градот отвори бесплатна телефонска линија на која секој може да се јави и да побара отпадоците да му бидат изнесени бесплатно од нивата. Акцијата е надополнета и со екипа од инспекторатот која со помош на дрон кој има и камера за ноќно снимање ги лови сите оние кои и покрај можноста да викнат екипа на комунална хигиена сепак се одлучуваат да прават прекршок и да добијат казна со палење на стрништата или органските остатоци по берба. Голем дел од земјоделците кои гравитираат околу Скопје откако чуле за ваквата акција се одлучиле да проверат дали е вистина дека ќе им го соберат отпадот и место нив ќе го исфрлат во депонијата Дрисла.

-Јас сум градинар со неколку декари под пластеници. Кога ќе дојде крајот на реколтата секоја година има проблем со отпадот кој ми останува во дворот. За да го компостирам потребни ми се дополнителни машини а миризбата која ќе се ослободува може да им пречи на соседите. Затоа секоја година неколку пати викам камион со неколку аргати кои ѓубрето го товараат и го носат во депонија што ме чини по сто евра од тура и тоа неколку пати во текот на годината. Ваквите акции ги сметам за одлични и ќе придонесат да не се одлучуваат луѓето да го палат ѓубрето, рече еден од првите земјоделци од скопско лисиче кој се јавил да му ги соберат остатоците од производството на домати кое го завршил.

Од палењето стрништа освен што може да заработите голема казна,која се движи и до 3000 евра, друга корист нема едногласни се експертите. Според нив целата органска маса треба да се врати назад во нивата за да нема загуби.

-Кога се пали стрниште се предизвикува само штета, воопшто од таа работа нема корист. Огнот ќе ги согори само остатоците од органската маса а во почвата само ќе ги уништи микро организмите кои се во површината и кои се многу значајни за производството. Од аспект на почвите потребно е целата органска маса која се јавува како вишок да се врати назад во почвата за да нема загуби на хранливи материи а од друга страна со палењето се намалува органската материја во почвата што е еден од најтешките облици на деградација на почвата.   Корист нема никаква на сите да им биде јасно. Изговорот дека се палат стрништата за да се сузбие Забрусот не држат бидејќи почвата е голем изолатор и се загреваат само првите неколку сантиметри што не е доволно за да се уништат почвените инсекти, болести ниту пак влијаат на плевелите. Единствено може да се гледа преку аспектот на тоа дека заорувањето им претставува една дополнителна активност, рече Професор Душко Мукаетов експерт за почви при земјоделскиот институт од Скопје.

Во рок од десетина дена најмногу по жетвата најдобро е да се заораат стрништата со жетвените остатоци бидејќи освен што ќе се внесе органската материја назад во почвата и ќе и се даде доволно време таа да се минерализира ќе се постигне и уште една многу значајна работа а тоа е намалување на испарувањето на водата од подолните слоеви. Почвата има воспоставено така наречени капиларни пори кои со заорувањето се прекинуваат и на тој начин се конзервира влага во почвата која ако се остави ќе има големи испарувања во текот на летото и ќе се исуши уште повеќе.

-Треба да се најде начин да се стимулираат поледелците да ги заоруваат стрништата што е за нив во време на жетва една дополнителна операција која бара време и организација. За разлика од нив во лозарството и овоштарството со мулчирањето се заоруваат остатоците кои инаку ќе треба да се изнесуваат од редот и тука ситуацијата е обратна. Поледелците треба да сфатат дека иако не ги гледаат првично сепак позитивни ефекти од заорувањето има додаде професор Мукаетов.

Но не само за конзервација на влага, за спасување на микроорганизмите и не губењето на органската маса кои ја сочинуваат живоста на почвата и нејзината активност, со палењето се загадува воздухот и се уништуваат животни и инсекти кои се важни во целиот еко систем.

-Палењето стрништа има вековна традиција која гледаме дека многу тешко се искоренува. Во минатото имало некаква логика бидејќи немало интензивно земјоделство, загадувањето било незначително и немале многу можности за орање со механизација. Но денес состојбата е поразлична. За жал според нашата статистика која се води последниве триесет години најчеста причина за шумските пожари каде се губи националното богатство на земјава, се токму палењата на стрништата. Затоа мојот апел до земјоделците е да не се палат стрништата за да не се предизвикува нова емисија на стакленички гасови и да не се губат шумите, рече професорот од шумарскиот факултет Никола Николов.

Сите анализи покажуваат дека со палење на органски остатоци од пченица се губат околу 12 до 13 килограми на азот од еден хектар што ако се земе предвид фактот дека при ѓубрењето потребни се 45 килограми на азот ќе се види дека со палењето се прават и економски загуби односно таа количина на азот ќе треба да се плати иако претходно земјоделецот ја имал бесплатно на нивата. Од друга страна каква и да имате пари за да купите вештачко ѓубре и да го фрлите на нивата ако немата микробилошка активност вие немате почва туку само куп камења и прашина кои се на некој начин стерилни. За да има микробиолошка активност потребно е азотот и јаглеродот да бидат во сооднос 1:24, што значи дека е потребно да има органска маса.

З.Б.

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close