fbpx
ВестиТоп вести

Одгледување на ситно овошје како бизнис идеја

 

Ситното овошје не само што е добро за здравјето на човекот туку може да биде и добар потенцијал за бизнис.

Добре Ангелов е пензионер  од с.Лавци битолско и со она што го работи е само одличен пример дека со пензионирањето не завршува активниот период кај човекот, туку тоа е одлична можност за да се работи нешто што во други околности не се можело или пак практично да се троши времето.

„ Се занимавам со производство на ситно овошје. Го имам за сопствени потреби , ама имам и садници кои ги произведувам и ги продавам на пазар преку познати потрошувачи“,вели за Зелена берза Ангелов .

Вели дека интерес за ова има и се обидува да им излезе во пресрет на сите барања од потрошувачите.

„Јаготки  месечарки, капинки без боцки и рибизла имам во секое време, а другиот дел го надополнувам. Имам и трендафили, лозници, ако нешто побараат муштериите јас уфрлувам“ , вели Добре Ангелов  кој порано работел како полицаец.

„Карактеристично за мене е што ми е дополнителна дејност. Еден сум од ретките што сум регистриран како даночен обврзник и мило ми е што можам да дадам придонес и на тоа поле, бидејќи во денешно време сите нешто бараат од државата , а не сакаат да дадат ништо,“додава тој.

 

Приказната на Добре со ситното овошје започнува одамна во неговите младешки години кога имал здравствен проблем. Проблемот го надминал, а одгледувањето на ситно овошје, како што вели , е неговиот лекар.

Ситното овошје му помогнало околу подобрување на неговото здравје и одлучил да се занимава со негово одгледување. На почеток како хоби, но сакајќи  здравата храна, посебно овошјето,  да им го доближи на граѓаните одлучил своите пензионерски денови да ги троши со оваа дејност.

Оваа негова „Зелена идеја“ сака да ја споделува, бидејќи смета дека секој може денот корисно да го троши, а истовремено да си го чува и здравјето. Сакајќи здравата исхрана да им ја приближи и на децата Добре пишува и поезија и проза за деца, бидејќи здравјето треба да се чува од мали нозе.

П.Ј.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close