– Само два отсто или 112од 5.747 краварски фарми во земјава го исполнуваат критериумот за хигиена на млеко, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
Во втора категорија спаѓаат 3.600 фарми, а во трета 1.450, покажала категоризацијата која треба да заврши до крајот на овој месец.
– Не очекуваме какви било промени во однос на сегашните резултати, истакна Атанасов на средба со новинарите и укажа дека свежо млеко можат да продаваат само фармите од прва категорија, а оние од втора и трета мора да го преработуваат во сирења и кашкавали.
Сепак, нагласи, недостиг на свежо млеко не се очекува, зашто во прва категорија спаѓаат најголемите капацитети.
-Прва категорија фарми подразбира продукција на млеко согласно европските стандарди, втора значи недоволно хигиена при манипулацијата со млекото до негово предавање на откупувачите (појава на бактерии повеќе од дозволеното при молзење или поради нечисти штали), додека трета категорија се оние фарми во кои има дури и заболени животни, а и не се внимава на благосостојбата, објасни директорот.
За надминување на ваквата состојба, АХВ ќе предложи до Владата да се обезбедат дополнителни стимулации за производителите кои предаваат првокласно млеко, како и продолжување на едукацијата на фармерите.
-До Владата ќе предложиме и да се забрза постапката за регулирање на статусот на земјиштето на краварските фарми од трета категорија, што е исто така сериозен проблем и влијае врз квалитетот на производството, истакна Атанасов.
извор: Либертас