fbpx
ВестиТоп вести

Се бараат берачи на јаболка, грозје, сливи, а дневниците се движат од 1.000 денари до 200 евра

Речиси сите земји во регионот и во Европа имаат недостиг од сезонски работници за берење на јаболка, грозје, сливи, маслинки…, а се нудат добри плати, храна и сместување. И Македонија не е исклучок од овој тренд. Во земјава се бараат сезонски работници за берба на јаболка, грозје и аронија и друго овошје во Ресен, Преспа, Берово и Кавадарци, објавува Вечерпрес.
Во Преспа има недостиг од работници за берење и пакување на јаболката. Сезоната за берење на јаболката започнува на крајот на септември, а трае сè до крајот на октомври. За берење на јаболка во Преспа се плаќа и до 1.300 денари на ден. Покрај берачи на јаболка во овој регион потребна е работна сила и за пакување и складирање на јаболката. Дневницата е слична, а потреба од ваква работна сила има постојано.
Во просек во есен во Ресенско-преспанскиот регион се бараат околу 1.000 берачи на јаболка.
Бербата на јаболка почнува на 27 септември, а се бере до 1 ноември од четири до пет недели, но ако се погоди една недела да врне, тогаш се пролонгира. Сезонците заработуваат од 1.000 до 1.300 денари на ден, а со газдите се договараат дали ќе има оброк или сместување. Изминатите години за време на бербата на јаболката во Преспа имаше работници од сите краеви на државата, невработени и вработени кои земаа одмор за да заработат нешто дополнително.
Во Беровскиот регион, пак, производителите на аронија мака мачат да пронајдат работници, дневницата која работниците ја добиваат зависи од собраната количина.
И на Балканот, скоро секаде се бараат работници, па така во Србија за берба на малини се исплаќаат дневници од 2.000 динари, односно 1.000 македонски денари.
Освен на Балканот потреба од берачи има речиси во сите европски земји во кои има што да се бере. Така, во Финска за собирање на малини и јагоди плаќаат и до 200 евра на ден, а сезоната за берба трае од јули до крајот на август.
Во последно време на интернет има многу огласи во кои Словаците бараат берачи на јагоди од Србија, Црна Гора, БиХ, а нудат плата од 1.300 евра или три пати повеќе од тоа што во регионот за истата работа може да се заработи. Оваа сума е за добар работник кој дневно може да набере 100 килограми јагоди. Се работи по 10 до 12 часа, а во недела се работи до 11 часот.
И во Грција често се бараат сезонски работници, па така голем дел од Македонците освен на одмор одат и на печалба. Во текот на летната сезона голем број наши сограѓани се ангажираат за берба на маслинки и друго сезонско овошје, а засега ретки се случаите некој да се пожалил во однос на платата.

Извор: Вечер прес

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close