Од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделието велат дека не е толку важно колку литри дожд ќе заврне, туку врнежите да бидат рамномерно распределени и да нема поројни дождови.
Сушата и невообичаено високите температури за месец октомври ја одложија есенската сеидба.
Во последните 4 месеци, минимални се количините на наврнат дожд и недоволни за потребната влaга на почвата. Додека земјоделците се молат за дожд и поголема влажност на земјата засеани се само дваесетина проценти од планираното и тоа во поголемите земјоделски стопанства. Индивидуалните земјоделци не можат да ја отпочнат есенската сеидба, затоа што поради сушата тешко се влегува по нивите, а растат и нивните трошоци за горово.
И минатата година земјоделците се соочија со истата состојба, кога исто така, заради слабите врнежи од дожд, доцнеше есенската сеидба.
–Состојбата во нивите е лоша, не може да влезиме за да посееме нешто. Единствено некои угари што се изугарени преку летото, ама сепак ќе чекаме дожд. Точно дека трошоците се поголеми, не се ора, се оптоваруваат машините, вели Славе Митановски, земјоделец од Пелагонија.
Оптималните рокови за старт на есенската сеидба ќе бидат пробиени ако во наредните денови не заврне дожд. Метеоролозите дожд најавуваат за овој викенд.
-Помалку е важно колку литри по метар квадратен ќе заврне, поважно е да врнежите да бидат рамномерно распоредени и да нема поројни дождови. Значи потребно е помирен дожд, со постабилна количини, затоа што ако има поројни дождови се испира површинскиот, односно плодниот почвен слој така што и тоа може да направи штета, изјави Зоран Бардаковски од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделието (АПРЗ).
Она што го предлагаат експертите е прилагодување на земјоделското производство на ваквите состојби.
–Единствено што може да се препорача на сите површини каде нема наводнување да се применуваат култури кои се отпорни на суша и правилни агротехнички мерки кои што ќе го немаат влијанието на сушата, да се надминат овие меѓу периоди пред да се воведат системи за наводнување за сите култури за кои е неопходно, факт е дека земјоделство без вода не може да постои, вели Бардаковски.
Неосопорно е дека климатските промени се повеќе влијаат на земјоделското производство и ја менуваат традицијата во Пелагонија не само во поглед на роковите за сеидба.И во последните неколку години есенската сеидба се одвива во ноември и декември. Останува да се види дали ваквата состојба ќе влијае на приносите.
А.Блажевска