fbpx
ВестиТоп вести

Официјализирана соработката и со Агенцијата за храна на Бугарија

Воспоставување на техничка и административна соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, размена на информации                        и зајакнување на капацитетите на претставниците од академската и научната заедница со организирање на едукативни и научни настани за размена на идеи и искуства, договорија  во Софија, Република Бугарија, првите луѓе на македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Атанасов и проф. д-р Паскал Желјазков, од бугарската Агенција за безбедност на храната. Тие, во насока на унапредување на постоечката соработка во овие две области меѓу двете институции, и за иницирање на нови, потпишаа петгодишен договор за соработка.

 

Со официјализирање на соработката се отвора и можноста за идно вклучување на АХВ во реализација на европски и други меѓународни проекти и програми, во чие спроведување, како земја членка на Европската унија, е веќе вклучена бугарската Агенција за безбедност на храната.

Договорот гарантира и соодветна заштита на правата на интелектуална сопственост, согласно националните и меѓународните стандарди. Акцент во соработката со овој документ се става на управувањето со ризикот, јавното здравство во однос на зоонозите и алиментарните интоксикации, како и областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.

 

Во договорот се дефинирани и областите на употребата на ветеринарно медицински препарати, генетски модифицираната храна и храната за животни, како и храната произведена со иновирани технологии и нус – производите од животинско потекло и производите добиени од нив.

 

Во рамки на официјалната посета на бугарската Агенција за безбедност на храна, директорот на АХВ, Атанасов, одржа работен состанок со првите луѓе од оваа институција и претставници од секторот за меѓународна соработка со кои разговараше за идните области и полиња на соработка. Разгледана беше актуелната состојба со болеста африканска свинска чума во соседна Бугарија и регионот и мерките кои се преземаат од земјите за спречување на нејзино ширење. Двете делегации дискутираа и за актуелната состојба со болестите кај животните, а се осврнаа и на престанокот со вакцинација против класичната свинска чума.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close