Над сто пожари беснееле синоќа низ Пелагонија кои неконтролирано се ширеле низ полето од запалени стрништа, потврдуваат од битолските пожарникари.
Само Противпожарната единица интервенирала на десетина пожари и велат дека палењето ноќе на стрништата е нешто ново што претходно не се практикувало.
–Сега нивите се чистат по темница за земјоделците да не бидат забележани кога го опожаруваат ѓубрето, иако пожарите се гледаат од километарска оддалеченост, велат пожарникари.
Градоначалничката на Битола Наташа Петровска денеска изјави дека инспекциите се на терен и ќе следуваат казни за потпалувачите во Битолскиот Регион.
-За жал ова ни се случува на ниво на целата држава , па и во регионот на Балканот. Сепак мора да се работи на подигање на свеста, а таа се подига и со онаа мерка што значи инспекциски увид. Како градоначалник побарав соодветните инспекциски служби и инстанци апсолутно да делуваат на просторот, рече Петровска.
Според неа инспектори одредиле казни за предизвикување на пожари кај Обиколницата над Битола.
А.Б