fbpx
ВестиТоп вести

Нов повеќенаменски објект, паркови и чиста животна средина за населените места во Општина Могила  

Општина Могила

 

 

Нов повеќенаменски објект, паркови и чиста животна средина за населените места во Општина Могила

 

 

Општина Могила започна со подготвителни активности за изградба на повеќенаменски објект во село Ивањевци.

На местото на старата зграда на месната заедница ќе биде изграден мултифункционален објект со различни содржини за сите граѓани на населеното место.

-На овој простор ќе изградиме репрезентативен мултифункционален објект кој ќе биде во интерес на сите граѓани, на културата, како и за локален културен развој на општината- изјави Јасмина Гулевска, градоначалник на Општина Могила.

Средства за овој проект се обезбедени од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион (ЦРППР) како и од буџетот на Општина Могила.

Долно Српци за првпат добива парк

За првпат во селото Долно Српци се гради парк. Со изградбата на овој парк и опремување на истиот со современа урбана опрема и хортикултурно уредување, овој дел од село Долно Српци ќе претставува уреден простор за одмор на жителите од оваа населено место.

-Жителите на село Долно Српци ќе добијат катче, комплетно уредено со урбана опрема, детски реквизити, осветлување и соодветно хортикултурно уредување. Ние како локална самоуправа ќе продолжиме со подобрувањето на условите за живот на граѓаните во населените места во Општина Могила-рече градоначалничката Гулевска.

Изградбата на паркот во село Долно Српци е еден од предвидените шест паркови кои ќе бидат изградени во населените места во Општина Могила.

Преку еколошки активности до почиста животна средина

Изминатиов период во повеќе населени места во Општина Могила се реализираа еколошки активности во кои учествуваа голем број на граѓани.

Во Ивањевци започна да се чисти одводниот канал во должина од два километри што минува низ средината на селото. Покрај каналот градежна механизација го расчистува и  дворот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во село Ивањевци. Од густата вегетација беа исчистени и селските гробишта, а исто така беше нанесен и полнеж за израмнување на просторот.

Екипи на Општина Могила и ЈКП „Пела Хигиена”беа ангажирани за расчистување на локалните патишта во населените места каде што беше отстранета вегетацијата на бршлен и трње. Со ова расчистување на патиштата, се создадоа подобри услови и поголема прегледност за возачите кои ги користат овие патни правци.

Градоначалничката на Општина Могила, Гулевска го прифати еко-предизвикот за засадување дрвца за почиста и еколошка средина.

Гулевска заедно со учениците на ОУ „Гоце Делчев” од село Могила, вработените во училиштето и директорката засадија 30 садници на дрвца од видот каталпи кои се донација од фабриката Кромберг и Шуберт.

Проектот за зелена Општина Могила се реализира и во ОУ „Браќа Миладиновци“ во село Добрушево каде што во училишниот двор беа засадени дрвца донација од компанијата Пакомак.

Жителите на населеното место Долно Чарлија добија канти за отпадоци со што се подобрува процесот за собирање на отпад како и заштита на животната средина.

Општина Могила започна со активности за уредување на централното јадро на населеното место Ношпал. Со проектот предвидено е уредување на централниот дел на селото, озеленување на просторот, поставување на клупи и канти за отпадоци и осветлување на просторот.За проектот партерно уредување со поставување на урбана опрема на јавниот простор во централното јадро на село Ношпал, обезбедени се средства од Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ.

Се чисти одводниот атмосферски канал во село Могила. Каналот во должина од 1 километар ќе биде исчистен од растителната вегетација, наталожена тиња и отпадоци кои го отежнуваат нормалниот проток на атмосферските води.

 

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close