Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски присуствуваше на доделувањето на 17 договори за финансиска поддршка за 9 постоечки и 8 новоформирани земјоделски задруги.
Овој проект е финансиран од Европската унија, а спроведуван од CARE Германија и Македонската развојна фондација за претпријатија. Оваа финансиска помош ќе го поттикне развојот на задругарството во Република Северна Македонија.
Министерот Димковски посочи дека, задругарството е клучен сегмент за модерно, конкурентно и извозно ориентирано земјоделство
„За првпат после 5 години, се реализира Мерката 131 „Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност“, во рамки на Програмата за рурален развој за 2018 година. Оваа мерка опфаќа неколку подмерки и видови на поддршка, со што дополнително ќе се поттикне формирањето за земјоделски задруги и нивното функционирање. Новите задруги се модерни, базирани на демократски принципи и преку нив, земјоделците, својот краен производ полесно ќе го пласираат на домашниот и странскиот пазар“- изјави министерот Димковски.
Дополнително, преку здружувањето во задруги, земјоделците можат полесно да аплицираат за финансиска поддршка преку програмите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, наменети за земјоделство и рурален развој, како и друг вид на поддршка што им е достапна на земјоделските задруги преку ИПАРД Програмата.
Раководителот на Секторот за соработка од Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, изјави дека, вкупниот износ на потпишаните договори изнесува 891.357 евра, што е само еден дел од поддршката на Европската Унија за земјоделството.
Дел од предностите на здружувањето се подобрен пристап до квалитетни и поевтини репроматеријали, примена на современи технологии, усогласен квалитет на производите, подобра позиција на пазарот и секако она што е најважно, сигурен пласман, информираат од МЗШВ.