Карикатура од Блаже Докуле
Земјоделието е дуќан на отворено, најмногу за оние што ги ограбуваат земјоделците!
***
Онаму кај што одлучуваат воловите, кравите никогаш нема да бидат прогласени за свети животни.
***
И годинава голем број јагниња останаа дома. Така е кога на одговорните не им се сите овци на број.
***
Многу фармери не можат да дојдат до свое земјиште – од оние што на земја не газат.
***
Велат еден ден ќе дојде живот и за земјоделците. О, Мама Хуаните, зар само еден ден!
***
Знам зошто Одисеј толку долго лутал. Барал поволна откупна цена за нашите земјоделски производи.
***
Знам кој е крив што Македонија има најмалку зелена површина по глава на жител! Оние што пасат трева.
***
Кога ќе влеземе во ЕУ и на врбите ќе се раѓа грозје. Ама ние и тогаш ќе си го обереме бостанот.
***
Оние што тресат зелени, никогаш нема да капнат.
***
Ван Гог сликал, а нас судбината ни зависи од – сончогледи.
Миле Ѓорѓијоски