На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун – нашава мака
нашава солена пот!
Кочо Рацин
И по 80 години откако овие стихови на Рацин ја здогледаа виделината, не се заборави и не е намалена суштината и тежината на пораката што тие ја пренесуваат. Во време кога интензивно се врши откуп од годинешната реколта на тутунот, производителите се плашат дали ќе го измерат вагите вложениот труд и ќе биде ли доволно платена маката што ја вложиле?
Производството на тутун во Македонија зазема посебно место и во минатото па и денес влијае врз животите на многу семејства. Не случајно го нарекуваат жолто злато. На нашиве простори се одгледувал уште во Отоманската Империја. Голем дел од традицијата, обичаите и животот се поврзани со тежината и радоста на тутунот. За Индијанците бил симбол на мирот, а кај нас можност за егзистенција. Ако се почитуваше индијанската симболика досега ќе требаше светот да биде оаза на мирот.
Според информациите од Годишниот земјоделски извештај за 2017 година тутунот претставува главна индустриска култура која е застапена на 15.961 ха или на 67% од површините под индустриски култури во 2017 година. Површините под тутун бележат благо намалување за 418 ха или 33% во споредба со 2016 година. Производството на тутун изнесува 22.885 тони, што претставува намалување од 2.558 тони или за околу 10% во споредба со 2016 година во услови на благо намалено просечно производство на тутун.
Согласно Информативниот систем за евиденција на тутунското производство кој се води во МЗШВ во производната 2017 година тутунот беше засаден на површина од 14.415 ха. За ова производство склучени беа вкупно 29.354 договори со тутунопроизводители и издадени вкупно 23.373 евидентни листови за производство и откуп на тутун. Од страна на откупните претпријатија од реколта 2017 година откупени се вкупно 23.544 тони суров тутун во лист со просечна откупна цена од 217,60 ден/кг
Жените најмногу вклучени во преработката на тутунот
Покрај развојот на науката и технологијата и појавата на разни машини кои го помагаат неговото производство, тутунот сè уште важи за култура за чие одгледување е потребна поголема работна сила. Во семејствата што го одгледуваат вклучени се сите членови од најмали до најголеми. Искуството покажува дека во неговата преработка најмногу е вклучено женското население.
Лилјана Симоновска од с. Добромири за Зелена берза ја раскажува својата приказна со наслов „Тутун“. Како и други тутунари и таа задоволна е од произведеното од последната реколта и следствено на тоа очекува добар приход. Оваа година таа со семејството го имале посадено на површина од 4 погони и очекуваат околу 2,5 тони. При крај е последната фаза, калапењето и во очекување се на негово оценување.
„Тутунот годинава е многу убав. Во споредба со лани сме многу задоволни. Лани беше врнежлива година ама тутунот не беше убав. Сега квалитетот е многу убав. Очекувам да биде оценет само со прва и втора класа. Бевме да провериме како го ценат. За сега не сме многу задоволни. Ние од тутунот живееме. Ако оди откупот ќе го однесеме, ако нема цена нема да го даваме„ вели Лилјана Симоновска производител на тутун.
Вклучени се сите членови од семејството, децата , сопругот, но таа и снаата се најактивни. За разлика од порано сега работата им е олеснета, но сепак треба да се стане рано наутро и дури не фатиле жештините да се набере и наниже. Нижењето го прават машински, но берењето се врши рачно и уште е операција која бара вештина од берачот.
„Мачно е ама мораме. За берење иди и мажот ми, децата помагаат, ама останатото е сè мое и на снаата. Откако ќе се вратиме од нива мажите си продолжуваат со нивни работи, а жените продолжуваме со нижење, па низ дома и така со ред сè што е потребно“, објаснува Лилјана.
И покрај маката вели дека се исплатело. Работела во текстилна фабрика 6 години, но ја напуштила работата бидејќи не била доволно платена.
„Малку плата, не ми се исплатеше. Треба да се облечеш, да се нашминкаш, не може така да одиш, имаше трошоци. Математиката покажа дека повеќе се исплаќа тутунот“, објаснува Лилјана.
Се знае на село има многу работа, тоа ни е секојдневие, сите работат, додава таа. Во семејството обработуваат 4 ха земја. Покрај тутунот сеат пченица, пченка и малку бавча за домашни потреби. Без механизација не се може. Располагаат со трактор и останата приклучна механизација. Се надополнуваат едни со други и успеваат да ги завршат сите работи.
Животот на руралната жена е многу променет, раскажува Лилјана. Работи рамно со мажот, но може да си посвети внимание и за себе. Покрај седенките на кафе муабет со комшивките стигнува да оди и во градот , да прошета на други места, да оди на одмор. Вели дека омилена дестинација и е Дојран.
Сега очите на сите се свртени кон откупот на тутунот, бидејќи од тоа зависи иднината на семејството, дали ќе има нов автомобил, можеби трактор, куќа, свадба или крштевка?! Ќе има ли надеж за ново утре и за нов почеток?
Лилјана вели дека надеж секогаш постои, но дека маката никогаш не е доволно исплатена.
Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
П.Јовановска