fbpx
ВестиТоп вести

Поставени основите за национална стратегија за намалување на загуби и отпад од храна

Загубата и отпадот од храна е голем и комплексен проблем што директно ги засега националните и корпоративните политики, природните ресурси, климатските промени, економиите и пазарите, однесувањето и културата на луѓето, социјалните услови, технологијата, инфраструктурата и инвестициите. Често пати Република Северна Македонија е ставена на листата на рекордери во загуби на храна и отпад од храна, а истовремено се соочува со проблем да обезбеди доволно храна за ранливите социјални категории. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна.

Република Северна Македонија заедно со Албанија, Ерменија и Молдавија е дел од овој регионален проект на ФАО, кој на национално ниво, им помага на земјите во развивање и спроведување на национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, прилагодени на специфичните потреби земјата и усогласени со релевантното законодавство, национални стратегии и политики за земјоделство, безбедност на храната, ублажување на климатските промени, итн.

“Република Северна Македонија и покрај својата социјална и економска ситуација, не се разликува во голема мера од развиените земји односно, и кај нас постои нагорен тренд во загуби на храна. Околу 30% од храната произведена или увезена во Северна Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот, или како фрлена храна од големите трговски синџири и потрошувачите” потенцираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на работилницата насловена „Стратегии за намалување на загуби и отпад од храна“. Тој додаде дека ова е загрижувачки податок, кој јасно укажува на важноста на проблемот  и потребата од усогласени политики, преземање акција на сите нивоа во целото општество. Министерот Димковски изрази уверување дека овој проект се спороведува во вистинско време и е во согласност со еден од стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија за решавање на ова горливо прашање, кое претставува еден од најголемите економски и социјални проблеми во нашата држава.

Во текот на 2019 година, ФАО во соработка со МЗШВ, како и граѓанската организација Ајде Македонија, инволвираше голем број на институции како и претставници на приватниот сектор со цел да се даде јасна слика за состојбите со губитоците и отпадот од храна во Македонија, причините поради кои се јавуваат, и да идентификува мерки и политики кои ќе помогнат да се намалат овие губитоци со паралено развивање на системот на донирање на вишок храна.

Работилницата е дел од регионалниот проект на ФАО за техничка соработка насловен „Стратегии за намалување на загуби и отпад од храна“ спроведуван во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и граѓанската организација Ајде Македонија.

 

Слични написи

Back to top button
Close