Димковски:Постигната највисока просечна откупна цена за тутунот во последните шест години
Oколу 80 отсто од планираниот откуп на тутун е веќе завршен, а засега е постигната највисока просечна откупна цена во последните шест години, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој заедно со директорот на Државниот инспекторат, Зоран Шапуриќ и со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, беа во посета на Тутунскиот комбинат Прилеп и на откупниот пункт во с. Мало Коњари, прилепско.
„До денеска, се откупени 20 милиони килограми тутун, и е постигната просечна откупна цена од 222,5 денари за килограм. Или вредноста на откупениот тутун е близу 4,3 милијарди денари, од коишто 4,1 милијарда е веќе исплатено од страна на претпријатијата кон тутунопроизводителите. Ова е една доста висока просечна откупна цена. За споредба, во 2018-та година просечната откупна цена беше 214,2 денари за килограм, во 2017-та беше 217, 5 денари за килограм. Ако ги споредиме и претходните години, 2014-та просечната откупна цена била околу 118 денари, а во 2015-та година просечната откупна цена била 185 денари. Очекуваме оваа цена да биде задржана до крајот на откупот“, изјави министерот Димковски.
Договорената количина за откуп од реколтата 2019-та е околу 26 милиони килограми. Досега, околу 30 отсто од откупената количина на тутун е прва класа.
Министерот Димковски, посочи дека од оваа година според новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, се укинуваат евидентните листови, со што драстично ќе се олеснат административните процедедури за тутунопроизводителите, односно договорите ќе ги склучуваат директно со откупните претпријатија.
Со цел стимулирање на квалитетот, со новиот модел за зголемени субвенции што го воведе Владата на Република Северна Македонија, субвенциите за прва класа тутун се 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. На овој начин се мотивираа тутунопроизводителите да произведуваат квалитетен тутун за да постигнат и повисока откупна цена.
Извор: Макфакс