На самиот финиш од откупот на тутунот од реколтата 2019 година тутунарите реагираат за неправилности при откупот
На самиот финиш од откупот на тутунот од реколтата 2019 година тутунарите реагираат за неправилности при откупот
Пред самиот крај од откупот на тутун од реколтата 2019 година тутунопроизводителите се жалат на лоша проценка на тутунот од страна на проценителите во откупните центри. Во редакцијата на Зелена берза се обратија производители кои се пожалија на неправилности при откупот во откупниот центар а Сокотаб во с.Бузалково велешко. Велат дека проценителите го ценат тутунот со пониски класи.
-Дваесет години работам тутун и знам што значи квалитет. Од него зависи мојата и егзистенцијата на моето семејство. Пред Нова година предадов половина од тутунот што го произведов, а остатокот го оставив за по Нова година. Според она како беше проценета првата половина, очекував за останатата количина да добијам подобра цена. Но не беше така. Поквалитетниот тутун ми беше полошо проценет. Тоа беше случај и со други производители. Комисија не повикав затоа што имам лошо искуство од претходните години, изјави за Зелена берза тутунар кој сакаше да остане анонимен.
Од Сојузот на земјоделски здруженија апелираат тутунарите доколку имаат забелешки на проценката на вагите да реагираат со пријавување до Државниот земјоделски инспекторат.
– Секој ден сум на терен и ја следам состојбата. Околу 60% од откупните пунктови ги имам посетено и откупот се одвива според зацртаната динамика. Апелирам до производителите ако има некој проблем да не повикаат и да ја видиме вистинската состојба, а не со рекла казала. Не сакаме тутунарите да бидат оштетени, вели Менде Стомнароски претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.
Во телефонски разговор со Министерот за земјоделство Трајан Димковски ни рече дека и до министерството стигнале реакции од тутунари заради што била иницирана средба со претставници од откупувачите и тутунопроизводители.
-На средбата со откупувачите и претставниците на тутунарите не убедија дека нема такво нешто и негираат неправилности при откупот. До сега е постигната просечна цена од 222 ден/кг и ќе биде откупена целата договорена количина плус 10% од договореното, изјави за Зелена берза Министерот Димковски.
Од реколтата 2019година планирано е да се откупат 26 500 тони тутун и се очекува до крајот на откупот да се задржи до сега постигнатата просечна цена.
Се обративме до компанијата Сокотаб во Битола, која ја посочија тутунарите што реагираа за да го дознаеме и нивниот став во врска со состојбите со откупот на тутун во нивните центри. До објавувањето на текстот на порталот на Зелена берза не добивме никаква информација.
Од оваа година важи нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи. Се укинуваат евидентните листови, со што драстично ќе се олеснат административните процедури за тутунопроизводителите, односно договорите ќе ги склучуваат директно со откупните претпријатија.
П.Ј.