Сангрија е овошно вино со потекло од просторите на Шпанија и Португалија. Ова е традиционален пијалок кој станува се повеќе популарен насекаде во светот. Се пие летно време, бидејќи многу освежува. Името го добил од шпанскиот збор sangre што во превод значи крв.
Денеска постојат неколку видови на сангрија, во зависност од регионот во кој се произведува, и во нејзиниот состав влегува различно овошје. Во медитеранските краеви се употребуваат најчесто банани, киви и манго. Во балканските земји се користат малини и капини, а во северноевропските земји честа е употребата на кандирано овошје.
Во составот на сангријата најчесто се користи портокал, лимон и јаболко.
Покрај овошјето главна состојка во овој пијалок е виното. Најчесто се користи црвено вино, но во последно време се почеста е употребата на бело вино, со што се добива посебен вид на сангрија. Во одредени краеви во пијалокот се додава и рум, лимонов сок, вотка или вода.
Има два вида на сангрија и тоа обична која се добива со мешање на црно вино и овошје, најчесто јаболка, портокал и лимон, и сангрија бланко која се прави со мешање на бело вино и овошје, најчесто праска, киви и манго.