Екологија
Општина Долнени
Петлите на буниште-селата затрупани во ѓубре
Очајна е состојбата во селото Пешталево, каде дивите депонии се буквално среде село, пред дворовите, покрај оградите на куќите, под дрвените конструкции за сушење на тутун, по каналите и ендеците. Нема простор кој не е исполнет со употребени пластични шишиња, употребена тоалетна хартија, отпадоци од храна, гној и измет од шталите.
Нема село во Општина Долнени кое не е затрупано со ѓубре, почнувајќи од дивите депонии покрај локалните патишта, отпад разнесен по нивите, па се до самите села, каде нема место што не е послано со отпадоци. Ѓубре се фрла насекаде, независно дали во селата има организирано собирање на отпадот или не.Најалармантно е во оние населени места каде општинското комунално претпријатие организирано не го собира ѓубрето, па жителите сами се снаоѓаат во собирањето и депонирањето. Не е поразлично и во оние села каде комуналците обезбедиле садови за отпад за домаќинствата. Жителите по навика си фрлаат покрај реките, каналите, во атарите на селата и ја загадуваат околината.
Петлите и кокошките во Пешталево колваат на буниште. Очајна е состојбата во селото, каде дивите депонии се буквално среде село, пред дворовите, покрај оградите на куќите, под дрвените конструкции за сушење на тутун, по каналите и ендеците. Нема простор кој не е исполнет со употребени пластични шишиња, употребена тоалетна хартија, отпадоци од храна, гној и ѓубре од шталите. Фотографиите што ги направи нашиот фотограф Ивона Кочов, зборуваат повеќе од се’.
Но покрај отпадот севкупната слика во селото се надополнува и со доминантната реа на измет, која се шири од селскиот канал. Гнојот не само од фармите, туку и фекалиите, изметот од домаќинствата завршува во каналот, кој поминува среде село покрај куќите, а од ветрот зависи во кој правец ќе ја носи неподносливата реа.
-Се удавивме од сопственото ѓубре и од гнојот и изметот што завршува во каналот. Вака е од кога паметиме за селото. До пред некоја година сите селани си го палевме сопственото ѓубре, и така го решававме проблемот, но ланската година Општина Долнени ни донесе контејнери, откако ги преполнивме ги зедоа да ги истурат и никогаш веќе не ги вратија, а ние селаните почнавме ѓубрето да го фрламе на различни локации низ селото. Како ветрот дуваше го носеше на сите страни , и не само ветрот туку и кучињата ги растргнуваа пластичните кеси и сега живееме во оваа депонија, велат жители на селото Пешталево.
Жителите признаваат дека се свесни дека им е потребна континуирана едукација, а комуналните претпријатија да воспостават систем на организирано собирање на отпадот, но и да се применуваат казни од комуналните инспектори, бидејќи станува збор за колективна одговорност. Вина има не само кај мештаните туку и кај институциите, пред сѐ кај општинското комунално претпријатие кое мора да обезбеди услови за складирање, собирање и транспорт на отпадот, но и инспекциските служби кои мора да почнат да казнуваат.
А.Блажевска