Снегот добредојден за земјоделските култури
Снегот добредојден за земјоделските култури
Последните врнежи од дожд и снег поволно ќе се одразат врз развојот на земјоделските култури. Периодот на суша беше долг така што оваа влага иако недоволна сепак позитивно ќе влијае на културите.
Познавачите на состојбите велат дека сегашните ниски температури нема да влијаат негативно на овошките. Нема опасност од измрзнување по невообичаено високите температури за овој период од годината бидејќи вегетацијата нема потерано. Новите количини на дожд ќе ја подобрат влагата во почвата .
Според податоците од УХМР снежната покривка достигна осум сантиметри во Крива Паланка, 15 во Берово, 19 во Битола и 27 сантиметри во Прилеп. Во однос на количините дожд, најмалку два литра на метар квадратен наврнале во Гевгелија, седум литри во Струмица, девет во Штип, а во Берово и Крива Паланка 17 литри на метар квадратен. Во Битола, Демир Капија, Скопје и Прилеп врнежите се 26 – 30 литри.
Во наредниот период се очекува повторно зголемување на температурите што ќе овозможи топење на снегот по што земјоделците ќе може да ја извршат и првата прихрана на земјоделските култури.
П.Ј.