Општина Ресен со владина поддршка ќе го решава проблемот со наглото повлекување на водата на Преспанско Езеро, изјави за МИА, градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.
Преспанско Езеро, потенцира, е прогласено за споменик на природата, а како задолжен за чување, грижа и одржување на овој споменик на природата, навремено со соработниците презедовме мерки за заштита на езерото и секако ја информирав македонската Влада.
-Не сме осамени во мерките за заштита на Преспанското Езеро. Напротив на мое барање и предложен заклучок, добив целосна владина поддршка за преземање итни мерки за заштита за езерото. Според заклучокот, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе формира работна група од надлежни институции, стручните лица во најкус рок ќе извршат увид на состојбата со водостојот на Преспанското Езеро и ќе изработат извештај за причините за енормното повлекување на водата. Исто така, очекувам да предложат конкретни мерки и активност за спречување на понатамошното повлекување на водата од езерото, истакна Гошаревски.
Градоначалникот Гошаревски очекува во заедничките мерки и активности за заштита на Преспанското Езеро од повлекување на езерските води да се вклучат, и свои анализи и видувања да понудат пограничните општини од соседна Грција и Албанија, а се со цел да се стабилизира водостојот на Преспанско Езеро. /МИА
извор:Канал5