fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Сушата ги стави на мака земјоделците и комуналните претпријатија на истокот

Празните акумулации и ниските водостои на реките во источниот регион ги мачат земјоделците, но и комуналните претпријатија. Минималните врнежи од дожд и снег во овој период од годината се чувствуваат на нивото на подземните води.

Комуналните претпријатија во Кочани, Штип и Карбинци се загрижени поради ниското ниво на подземните води, бидејќи граѓаните во градските, но и во руралните средини ги снабдуваат со вода за пиење од бунарски системи. Директорот на ЈП „Водовод” – Кочани, Андреј Киров, за МИА вели дека Кочани две години нема рестрикции на вода во текот на летото, но лани во октомври алармантно било намалувањето на подземните води во бунарите. Во тој момент спас им биле ниските температури, кои ја намалиле потрошувачката на вода. Раководството на ова комунално претпријатие го загрижува сушата во овој период од годината, па затоа и планираат инвестиција во нов бунар.

– Ние се подготвуваме да ископаме уште еден нов бунар каде што ќе можеме да обезбедиме дополнителни 30 – 40 литри во секунда вода за да можеме да обезбедиме доволни количини вода во текот на летните месеци. Новиот бунар е со цел да не дојдеме до ситуација да правиме рестрикции на водата, вели Киров.

За разлика од Кочани, Штип и Карбинци гледаат спас во приклучувањето на Хидросистемот „Злетовица”, но вода за пиење од браната Кнежево ќе добијат кон крајот на оваа година или на почетокот на наредната година, бидејќи во тек се подготовките во Штип за реконструкција на Филтер-станицата и набавка на нова опрема, а во Карбинци се чека час поскоро да почне изградбата на Филтер-станицата, од која ќе се снабдуваат со вода за пиење вкупно осум села. За ова лето и кај нив постои страв дека сушата ќе им направи сериозни проблеми во водоснабдувањето. Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев, за МИА вели дека и тие веќе размислуваат за ставање во функција нови бунари.

Директорот на штипското комунално претпријатие „Исар”, Живко Тасев, засега е оптимист дека, и покрај ниското ниво на подземните води, ова лето Штип ќе нема проблеми со водоснабдувањето.

– По ставање во функција на двата нови бунари досега немаме проблеми. Но, во зависност од водостојот на река Брегалница не знаеме што ќе се случува во наредниот период, но мислам дека сме на границата, вели Тасев.

Во моментов проблеми со водоснабдувањето лете и зиме немаат општините Пробиштип и Свети Николе, кои се приклучени на Хидросистемот „Злетовица” и со вода се снабдуваат од браната Кнежево.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.

извор: Слободенпечат

Слични написи

Back to top button
Close