Зголемени површини со пролетна зелка може да ја намалат откупната цена
Спорд трговците шпицот на откупот на пролетната зелка се очекува на почетокот на идниот месец, кога ќе се знае колкава ќе биде понудата и побарувачката
Во земјава, Албанија и Србија се зголемени површините со пролетна зелка и тоа може да влијае на откупната цена на оваа градинарска култура, предупредуваат откупувачи од Струмичкиот регион.
Трговците информираат дека во земјава површините засеани со пролетна зелка се зголемени за 20 отсто во споредба со лани, кога се откупуваше по прифатливи цени за земјоделците од почетокот до крајот на сезоната.
-Моментната цена изнесува 35 денари за килограм и се откупуваат многу мали количини, а пред неколку денови откупната цена изнесуваше 50 денари за килограм. Во овој период пролетната зелка во Албанија се откупува од 55 до 60 евро центи за килограм. Сметам дека годинава како ланските откупни цени на зелката ќе нема, бидејќи производството на оваа градинарска култура е зголемено како кај нас, но и во Албанија и Србија. Очекувам зелката да се откупува, бидејќи за неа има пазари каде може да се троши, вели Благој Витанов, откупувач од Струмица.
Спорд трговците шпицот на откупот на пролетната зелка се очекува на почетокот на идниот месец, кога ќе се знае колкава ќе биде понудата и побарувачката. И годинава пролетната зелка треба да се извезува во Украина, во поранешните југословенски републики, во земји од ЕУ, но и во скандинавските земји.
Извор:Опсервер