fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Забрана за работа на добиточните пазари

Врз основа на епидемиолошката состојба со болеста КОВИД 19 кај луѓето, во рамки на мерките на Владата на Република Северна Македонија и препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, со цел  спречување на нејзино ширење, заради создавање на услови за безбеден и непречен проток на стоки и животни, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе сет на безбедносни мерки. На целата територија на земјава, забранета е работата на добиточните пазари и собирните центри.

Движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните и со документ со кој се потврдува безбедноста на храната со која се тие хранети.

Животните смее да се превезуваат директно во кланица или на одгледувалишта кои ги исполнуваат биосигурносните услови, но, пред товарањето и по растоварот, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од страна на овластено ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни со непознат здравствен статус.

Сите животни кои ќе се затекнат во промет без сертификат за нивната здравствена состојба, или кои не се идентификувани, ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети, без надомест за настанатата штета, односно, на трошок на одгледувачот.

Ветеринарните друштва редовно да се информираат и да ги следат заклучоците на Владата на Република Северна Македонија и препораките на Министерството за здравство. Тие не треба да вршат активности во одгледувалиштата каде има лица кои се во само изолација, а активностите од областа на здравствената заштита и благосостојба кои во вакви услови се редуцирани, во населените места во кои има лица заболени од вирусот КОВИД 19 да се остават последни, односно во овие области, ветеринарните активности од овој тип ќе се спроведат кога ризикот од вирусот нема да постои.

Врз основа на донесената одлука на Владата на Република Северна Македонија за замрзнување на цените на основните прехранбени производи (леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства), Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниов период нема да издава сертификати за безбедност за извоз на брашно.

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира да се почитуваат процедурите за постапување во синџирот на утовар/растовар и превоз на стока во меѓународниот и внатрешниот превоз. Инспекциските служби на Агенцијата ги засилија контролите кај операторите со храна кои вршат онлајн – трговија и достава врз основа на телефонските нарачки на граѓаните. Се вршат проверки дали се почитуваат основните и посебните услови за дистрибуција на храна, правилата на Добра производствена и хигиенска пракса, како и дали се почитуваат препораките за спроведување на засилената дезинфекција на опремата и транспортните средства со цел намалување на ризиците и спречување на ширење на вирусот КОВИД-19, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

 

Слични написи

Back to top button
Close