ЗЕЗ „Зелена берза“ од Битола апелира да се пролонгира рокот за поднесување на апликации за користење на средства по повиците на ИПАРД 2 Програмата 2014 – 2020година
Согледувајќи ја ново настанатата состојба во нашата држава како последица од ширењето на Корона вирусот и како тоа се одразува врз секојдневниот живот и сите активности на граѓаните, Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“ од Битола апелира да се пролонгира рокот за поднесување на апликации за користење на средства по повиците на ИПАРД 2 Програмата 2014 – 2020година.
-Ова барање го поднесуваме по претходни реакции, не само на наши членови во здружението туку и на други земјоделци од Пелагонискиот регион и пошироко. Вонредната состојба во државата и новиот режим на работа на институциите, како превентива за заштита од Корона вирусот, создаде нови услови за функционирање во институциите, но условите кои треба да ги запазат земјоделците, а се врзани со роковите од повиците од ИПАРД-от, не се променети и мора да се придржуваат на нив. Од друга страна и фирмите кои што се занимаваат со продажба на земјоделска и друга приклучна механизација го прилагодуваат своето работење согласно препораките за заштита дадени од Министерството за здравство, земјоделците шетајќи од една фирма до фруга и од еден на друг шалтер не сакајќи создаваат гужва што е спротивно на препораките и доведено е во прашање не само на сопственото туку и здравјето на останатите лица до кои треба да дојдат. Земјоделците што сакаат да аплицираат по ИПАРД Програмата се загрижени дали ќе успеат до крај да ја поминат целата постапка и да ја комплетираат својата документација. Загрижени најмногу за своето и здравјето на семејствата, сметаат дека го трошат своето време, а не знаат дали ќе завршат работа. Има и такви кои планираат да се откажат од аплицирање.
Со цел да им помогнеме на земјоделците кои и во кризни ситуации се на првата борбена линија во производство храна, апелираме рокот за последниот повик за Мерката 1 од ИПАРД Програмата кој завршува на 14 април 2020 година да биде продолжен.
Само земјоделец кој располага модерна опрема и применува современи агротехнички мерки е силен земјоделец и може да произведе повеќе, а со тоа да придонесе во јакнењето на економијата на државата, се вели во барањето на ЗЕЗ „Зелена берза“.
ЗЕЗ „Зелена берза“ Битола