Секоја трпеза ќе биде уште поубава со овој убав и вкусен козињак, а сите празници со вашите најблиски и најсакани – незаборавни! Иако во многу места во нашата татковите козињакот има свое име, како милиброд, или плетенка со суво грозје, сепак станува збор за едно исто совршено, вкусно и слатко тесто кое мора да се проба. Козињакот е наша традиција, богатство на трпезата, која за среќа лесно се прифаќа и се негува и од помладата генерација.
Состојките:
5 шолји брашно ( 780 грама )
150 грама шеќер
2 коцки пивски квасец
Шолја + ¼ шолји вода
Ќесичка прашок за печиво
½ лажица шафран
2 лажици сусам
3 јајца
Рендана кора од лимон
Подготовка:
Ситнете го квасецот со виљушка со 2 лажици брашно и лажица шеќер, додадете малку млака вода да биде густо и оставете го на топло место да поседи. Во поголем сад изматете 3 жолчки и шеќер, додадете шафран, растопениот путер, квасец, млака вода, а потоа постепено брашно, мешајќи со рака. Во брашното додадете прашок за печиво. Тестото треба да биде глатко и еластично. Ако треба, додадете уште малку вода. На крај додадете рендана кора од лимон.
Кога тестото се одвојува од садот, оставете да порасне до дупла количина ( околу 1 час ). Покријте го со салфетка која претходно е наквасена со жешка вода. Тестото префрлете го на работна површина посипете го со брашно и виткајте го неколку пати со раце. Рерната нека биде приклучена на 100 степени. Снег од 2 белки измешајте со сусам.
Тестото поделете го на три дела и развијте три ролни, премачкајте со малку стопен путер, а потоа сплетете ја плетенката, и ставете ја во тепсија. Оставете ја да нарасне. Украсете ја со сусам или со тенки ливчиња бадем. Печете 10 минути, а потоа зголемете ја температурата на 170 степени и печете уште 15-20 минути. Покријте го готовиот козињак (плетенка) со крпа до служењето.
Рецепт Зелена берза