fbpx
ВестиТоп вести

Даниел Петровски-Се одлучив за Џон Дир, зашто самото име кажува се’

Кога ќе се направи спој на младоста, науката и образованието со многу вложен труд, тогаш успехот е неизоставен. Даниел Петровски од с. Новаци, Пелагонија, има визија својата иднина да ја гради на овие простори, но не само да остане овде туку да го развива своето земјоделско стопанство и да даде свој придонес во целокупниот развој на државата.

 

Даниел Петровски (19)е еден од ретките млади луѓе кој сака да се занимава со земјоделие, токму овде во неговото родно село Новаци, Општина Новаци. Од мал ги следи стапките на неговите родители и неслучајно неговите визии се поврзани со искористувањето на сите ресурси и развој на земјоделието. Моментално студира економија, но истовремено сака да ги зголеми своите знаења од областа на земјоделието  и паралелно да студира на Земјоделскиот факултет во Скопје. Механизацијата е еден од клучните фактори за развој на едно земјоделско стопанство, а Даниел го запознавме токму кога купуваше нов трактор John Deere 5075 E со 75 КС во продавницата на Синпекс ДОО- Битола.

-Се одлучив за оваа машина оти самото име кажува сè, бренд со многу години традиција и квалитет потврден од многу корисници. Тракторот го купивме на кредит преку Прокредит банка. Целото семејство сме вклучени во работата. Немаме други вработени и  само од земјоделие егзистираме. Тракторот што го купивме е моќен и многу ќе ни помогне во обработката на земјата. Се занимаваме со одгледување  на житни култури (пченица, јачмен, рж, пченка) на површина од околу 25 хектари, вели Даниел.

Како млад човек, Даниел се обидува да направи рамнотежа помеѓу студиите, работата и секако пријателите, кои понекогаш со доза на скептицизам гледаат на неговите размислувања да го развива земјоделието.

-Во животот мора некоја работа да трпи. Јас велам дека успешен човек е оној кој стигнува  на сите полиња да постигне по нешто. Можеби оваа година нема да успеам да сум најдобар во земјоделието и најдобар на факултет. Успех е да бидам меѓу првите 10 на факултет. Секој својот личен успех си го гледа само за себе и од тоа треба да биде задоволен, а не како што ќе кажат другите. Наоѓам време  за пријателите и дружење. Многупати сум бил осудуван од моите другари и колеги. Денес сите гледаат некој излез во држави во ЕУ и сите се обидуваат да заминат таму, ама јас не. Мислам дека нашата иднина е во нашата татковина, оти само овде можеме да успееме како граѓани од прв ред. Каде и да одиме ќе бидеме граѓани од втор ред. Ме прашуваат  што ќе правам со земјоделието? Па, земјоделието е нашата клучна алатка за развој на нашата држава. Ние сме земјоделска држава во која земјоделието не е многу развиено. Ние младите сме тие што треба да го развиваме. Не можеме  сите да се бавиме со политика, вели Даниел.

Во иднина, тој  планира да ги зголемува површините и производството, за што  ќе му бидат потребни и дополнителни приклучни машини како потребна рeдосеалка  за жито, приколка од 8-10 тони и тањирача што ќе одговара на силата на  тракторот што го купи. Исто така во неговите идеи се и реализација на проекти кои се однесуваат на поставување системи за  одводнување и наводнување на површините кои во моментов во овој дел од Пелагонија не се доволно развиени,а се неопходни за зголемување на приносите. Свесен е дека наеднаш не може сè да постигне, но верува дека малку по малку ќе успее во она што го замислил. Искуството и работата со неговиот татко, му помагаат  да ги разбере подобро работите што се случуваат секојдневно во земјоделието, во државата.

-Не можам да речам дека сум незадоволен од сезоната што помина. Работевме многу и произведовме околу 100-120 тони жито. Знам дека покрај нашата работа  50% од производството  е од самиот Господ и од природата. Останатото се е некој вид политика во државата. Сепак житото треба да се плаќа по повисока цена. Добро е што има субвенции и државата треба да продолжи со нивна исплата и да не подржува нас, младите земјоделци, порачува Даниел.

Момчето ги следи стапките на својот татко Боби Петровски, кој е носител на семејната фирма ДООЕЛ Беговци  и  не го крие задоволство што синот ќе продолжи да го работи она што секогаш се работело во нивната фамилија.

-Ме радува што синовите работат и се вклучени во сите активности. Земјоделието ни е во крвта, тоа  ни е основна дејност, рече Боби.

Во врска со актуелните состојби со житото и брашното во регионот и увоз во нашата земја, рече дека државата треба повеќе да ги штити домашните производители.

-Мислам дека домашните производители на жито сме загрозени и дека прво треба нашето да се откупи и да се сомели во брашно. Прво нашето да се продаде, па ако има недостиг да се увезе од странство, вели Боби Петровски од селото Новаци.

Павлина Јовановска

Слични написи

Back to top button
Close