fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Одгледувањето полжави станува профитабилна гранка во земјоделството

Одгледувањето полжави претставува добар избор за секој што сака да започне со земјоделство од мал обем затоа што е лесно да се постави, не бара огромни инвестиции и не е многу ризично. Со правилен бизнис план, полжави и квалитетна опрема за одгледување полжави, ова би можело да биде многу профитабилна гранка во земјоделството.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем го помага секторот за производство на полжави, пред сè во креирање на синџирите на снабдување и производство на полжави. Заедно со водечката компанија Агро-линк, Чашка се финансира подигнувањето нови фарми за полжави. Фармите потоа се интегрираат кон Агро-хеликс кластерот за одгледување и трговија со полжави и печурки, предводени од компанијата Агро-линк. Во кластерот членуваат десет фармери и компании во ланецот на вредност.

Улогата на Агро-линк во кластерот е откупување на полжавите и обезбедување купувач(и) за целокупното производство на членките на кластерот, како и спроведување збирни набавки на прихрани и други репроматеријали за добивање поконкурентна цена. Како најголем и најискусен произведувач на полжави од видот helix apsersa, Агро-линк има и советодавна улога со цел да ги поддржи членките на кластерот во одгледувањето на здрави и квалитетни производи.

Годишното производство на десетте фарми кои соработуваат со Агро-линк е околу 20-30 тони, а во најдобра година и до 40 тони. Агро-линк продава 100% од своето производство во неколку европски земји како Чешка, Италија, Грција и Франција. Просечната цена за еден килограм полжави се движи од 2,8 до 3,2 американски долари.

Исто така, слузот од полжавите во светски рамки достигнува цена од над 20 долари за килограм, додека пак полжавот и лушпата стануваат исклучително популарни во козметичката / медицинската индустрија во последните неколку години. На пример, слуз од полжав во прашкаста форма достигнува и од 20-80 долари за килограм.

Денес, годишната потрошувачка на полжави во Европа надминува 100,000 тони, а нивната побарувачка е задоволена само за 60-70%. Овие мекотели се конзумираат во многу земји на стариот континент, но главно во Франција (40,000 тони годишно) и Италија (6,000 тони годишно). Месото од полжав има низок процент на маснотии (0,5 до 0,8%), а е релативно ниско во калории (60-80 калории/100г.), со биолошка висока вредност на протеини (12-16%), минерали (1,5%) и азот ( 2,5%). Овие мекотели беа вреднувани со текот на времето не само за нивниот вкус и хранливи својства, туку и за бројни терапевтски или биолошки својства (Боннеин, 2005).

Полжавите како храна

Полжавите уште од минатото се користеле во исхраната на човекот. Се додаваат во чорби, варени со оцет, пржени, на скара и уште многу различни начини за конзумација на полжавот. Тие се вкусен извор на протеини со помалку опасности по здравјето на човекот за разлика од месото.

Полжавите ги содржат скоро сите аминокиселини што му се потребни на организмот и повеќето од нивните нуспроизводи се користат за козметика и лекови. Нивната содржина на протеини, малку маснотии и холестерол ги прави фаворит во исхраната. Полжавите, полнети со путер од билки од лук, сол, бело вино и магдонос се меѓу најпознатите локални јадења во Франција, но и во други земји.

 

Полжавите во козметичката / медицинската индустрија

За мешавините направени од слуз на полжав (лигите) се вели дека датираат уште од античка Грција, кога големиот лекар Хипократ, наводно, користел кршени полжави и кисело млеко како лек за воспаленија на кожата.

Во последно време, Французите ја употребуваат слузта од полжави во разновидни креми, маски за лице, серуми, лосиони и слични производи за убавина. Слузта (или нејзиното козметичко име, полжавов филтрат) е преполна со хранливи материи како што се хијалуронска киселина, гликопротеин, протеогличани, и антимикробни и бакарни пептиди. Ваквите елементи помагаат да се заштити кожата од оштетување, инфекција, сувост и УВ зраци, поради што козметичките производи со полжавов филтрат во изминативе децении се докажаа како исклучително корисни за одржување на кожата. Покрај тоа, заради значителното ниво на минерали, особено калциум, куќичката на полжавот се користи како природен извор на дополнителните состојки – суплементи во вештачки витамини и минерални додатоци.

Соработката на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем со Агро-линк

Целта на соработката на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и Агро-линк е да се зголеми производството на полжави како прв чекор на целиот ланец на снабдување со кој управува Агро-линк. Се планира отворање на три нови фарми од по 1000 м2, или вкупно 3000 м2 нови фарми со полжави. Во првата година од оваа иницијатива, се очекуваат меѓу в и 3 тони полжави, додека пак по втората година се очекуваат меѓу 5 и 7 тони полжави за една жетва, со стандардни околности за одгледување на отворено. Ова би придонело и за отворање на нови работни места кај кооперантите – 1 или 2 нови вработувања со полно работно време и меѓу 4 и 6 сезонски вработувања со скратено работно време.

Агро-линк ќе го организира целокупниот технолошки процес за примарно производство на новоформираните фарми за полжави. Покрај бебиња полжави, во почетната фаза тимот на Агро-линк ќе обезбеди и континуирана поддршка преку едукација, менторство и надзор на процесот на примарно производство, со цел да се намали смртноста на полжавите (која при правилно одгледување е блиска до нула), но и да се обезбеди квалитетот на полжавите.

Покрај оваа поддршка од Агро-линк, новите фармери ќе добијат поддршка и од кластерот Агро-хеликс. Здружението ќе организира обуки поврзани со одгледување, растење и собирање на полжави, а ќе организира и тркалезни маси на теми поврзани со регулативи на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и финансиско работење на фармите согласно домашната регулатива.

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close