По 6.000 денари за хектар или по два денари за килограм дополнителна субвенција ќе добие секој земјоделец што го пријавил производството на пченица.
Како што соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, ова е една од мерките со кои државата ќе им помогне на производителите да добијат по минимум 11 денари за килограм лебно жито од годинашната реколта со оглед дека мелничарите најавија откупна цена од најмногу осум денари.
Според Цветков, Министерството ќе интервенира и со помош за складирање на пченицата што ќе ги намали количините на пазарот, а тоа, истакна министерот, последователно ќе ја зголеми цената.
– Обезбедивме 80 отсто субвенции за складирање на 30.000 тони пченица, од кои 15.000 во Прилеп и уште толку во „Жито Вардар“. Тоа значи дека земјоделците ќе треба да плаќаат по само 12 денари месечно зашто чувањето на лебното жито е 60 денари за тон, информира Цветков.
Тој напомена дека цената на пченицата, како и на секој друг земјоделски производ, ќе ја дефинира пазарот.
Нова средба меѓу мелничарите и производителите на пченица е закажана за понеделник.