Божур (lat. Paeonia)
Името Божур потекнува од кинескиот збор „sho yu” што значи најубав.
Божурот потекнува од Кина каде се одгледува повеќе од 1300 години, а во Европа е донесен пред 200 години. Името Божур потекнува од кинескиот збор „sho yu” што значи најубав.Тоа е раскошна цветна грмушка со висина од 1 до 2 m. Има крупни цветови во бела, розова, жолта, виолетова и црвена боја кои може да бидат еднослојни или дупли, а стеблото е дрвенесто. Цвета во мај и јуни, но тоа зависи од видот.
Посадете го на сончево место или најдобро во полусенка, во плодна, умерено влажна и песоклива земја. Не му одговара кисел супстрат ниту многу влага. Спаѓа во растенија – трајници (може да живее 10 – 15 години), па затоа е најдобро да го посадите на место кое најмногу му одговара. Најдобро е да го посадите од средината на септември до октомври, а ако се одлучите да го одгледувате во саксија тогаш може да го посадите во текот на цела година.
Се сади во длабоки дупки 50-60 cm. На дното ставете дренажен слој 20 cm, потоа слој хумусна земја, ѓубриво и на крајот завршете со хумусна земја. Внимавајтејте коренот да не дојде во допир со ѓубривото. Од садењето до првото цветање може да поминат и неколку години.
Иако божурот е долговечно растение, најосетливи делови од развитокот му се размножувањето и пресадувањето. Се размножува во есен на крајот на вегетацијата или во рана пролет. Секој дел кој ќе се сади треба да има по три вегатативни врвови. Со резници се размножува во зима, но може да се закоренат и во текот на летото. Со положеници се размножува во текот на зимата.
Полевањето треба да биде умерено во текот на вегетациониот период. Во периодот на раст, па се до јули треба редовно да се полева. Прихранувајте го после третата година, и тоа во пролет, со 50 g минерално ѓубриво по корен, а во лето после цветањето прихранувајте го со органско ѓубриво кое во својот состав има големо количество азот.
Ако забележите кафени дамки на младите изданки тоа е знак дека го нападнале габи поради преголема влага. Зафатените делови треба да се отстранат така што ќе се отсечат малку над земјата и ќе го третирате со некој фунгицид.
За да биде убаво обликувана грмушката на божурот треба да се прави орежување. Се режат само гранките кои се преплетуваат и го нарушуваат убавиот изглед. Најдобро е тоа да го правите во доцна зима или рана пролет, додека растението е во фаза на мирување за да се избегне течење на соковите.
Извор:sezadomot.com.mk