Во тетовско при вода нивите се суви
Оваа сезона ќе функционира само 15 % од целиот систем за наводнување во тетовско кој има 300 километарска мрежа за наводнување подземно и надземно.
Директорот на АД Водостопанство подружница Тетово Артон Бајрами, вели дека состојбата со системот била уште полоша пред да започне да функционира нивната дирекција пред околу 18 месеци. Годинава планираат да исчистат 40 километри од мрежата, пред да започне сезоната за наводнување, а досега исчистиле само 15 километри.
-Ние сега моментално чистиме во атарите на селата Фалише, Сараќино. Лани на пример го исчистивме дел од каналот за наводнување Радиовце – Бистрица во должина од 26 километри. Овој канал успеавме да го исчистиме отприлика половина, односно од Радиовце до река Пена, или поточно во долнот дел од тетовско. Горниот дел од каналот кон селата Непроштено или Ратае е многу оштетен, за да го ставиме во функција ќе ни треба помош од владата, истакна директорот на АД Водостопанство подружница Тетово Артон Бајрами
Токму во овој горен дел од тетовско каде низ каналот наместо вода течат фекалии земјоделците се откажуваат од својата дејност, затоа што при вода нивните ниви немаат со што да ги наводнуваат.
-Катастрофа при вода нивите ни се суви. Затоа и некои земјоделци се откажуваат од земјоделие, некои своето земјиште го пренаменуваат во локација за градење, а некои и понатаму продолжуваат да ги засадуваат нивите, па ако имаат дождлива година ќе продолжат со засадување. ако не ќе им пропадне родот, рече еден земјоделец.
Од тетовската подружница на АД Водостопанство, велат дека не само каналот Радиовце – Бистрица туку многу системи за наводнување во тетовско се уништени, како системите од Шарпланинските извори, потоа подземните системи, а има искршени секундарни и терцијални мрежи.
-За сето ова треба Владата ургентно да помогне, затоа што ние немаме средства, сето тоа што е изградено во поранешна Југославија да го вратиме во употреба. Ние се финансираме од минималната наплата за користење на водата , а тие земјоделците ја користат водата од системите кои како што кажав се функционални 60 %, но во функција се едвај 15%. Мора да помогне владата ако сакаме да им дадеме добра земја на земјоделците. Сега гледам дека со изградбата на системот за наводнување Равен – Вруток во тој горен дел кон гостиварско ќе се подбри работата, се работи за систем нов. Но, тука во долниот дел од тетовско, ако нема некои инвестиции или поправка на стариот систем, се уште ќе биде лоша состојбата. Ние до владата ќе испратиме извештај за состојбата, но и ќе бараме помош за подобрување на истата, рече Артон Бајрами од тетовската подружница на АД Водостопанство.