Хроничен недостиг од сезонски работници
Потребата за ангажирањето сезонски работници во летните месеци е голема, но интересот за сезонска работа помеѓу невработените во Македонија се намалува. Сезонското работење во некои сектори, како земјоделството, туризмот и градежништвото, добива огромни размери во соседните и во високоразвиените земји, но не и кај нас.
Сопственикот на агенцијата за посредување при вработување „Партнер”, Раде Ненадиќ, вели дека како што се зголемува земјоделското производство, пред се пластеничкото и оранжериското, и се интензивира градежниот сектор, така се зголемува и потреба од сезонски работници.
– Меѓутоа, со оглед на климатските промени и на осовременувањето на производството се помалку се зборува за сезонски работници, a се повеќе за привремени работници. Недостиг има во сите гранки, а основен проблем се ниските дневници што компаниите ги плаќаат и непријавената работа појаснува Ненадиќ.
Тој додава дека работниците веќе не сакаат да работат непријавени, на црно, а особено не за дневници што изнесуваат околу 500 денари.
– Треба да се напомене дека во одредени гранки се работи и по 12 часа, и тоа и за викенди и за празници за истата дневница. Додека, пак, во соседството и во земјите во Европска Унија бројките отсекогаш биле огромни истакнува Ненадиќ, додавајќи дека и тоа е една од причините поради кои Македонците одат во странство за сезонска работа.
Како што вели сопственикот на „Партнер”, нашите работодавци се жалат дека не можат да дојдат до сезонски работници поради пречки во Законот за работни односи и бирократски процедури.
– Но тоа не е така, бидејќи од 2006 година компаниите ги имаат на располагање Агенциите за привремени вработувања што без проблеми им ги при јавуваат и одјавуваат работниците на дневна основа, наоѓаат замени и ги вршат сите други работи истакнува Ненадиќ.
Како што објаснува претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга”, Љупче Станковски, потребата од сезонски работници секогаш е присутна, но најмногу доживува експанзија во туризмот и во земјоделството во текот на летната туристичка сезона и интензивирањето на земјоделските активности.
Во државите каде што климатските услови го дозволуваат тоа и имаат добри предуслови, овие две гранки вработуваат цела армија луѓе, како од сопствената држава така и од страна. Предност имаат секогаш стручните и искусни лица и поради тоа дневниците секогаш се повисоки нагласува Станковски.
Тој додава дека во Македонија потребата од сезонска работна рака главно е фокусирана на извршување на редовните земјоделски активности, а многу помалку во туризмот, кој сепак постојано ја зголемува потребата од ангажирање лица што се потребни во нашите туристички центри.
Нашиот низок стандард и ниските примања не се привлечни за работен ангажман на лица од странство. Исто така, и кај нас почнува да се чувствува недостиг од сезонски работници, што се должи на големиот број млади што заминаа од државата барајќи работа во странство вели Станковски.
Тој напоменува дека новите сопственици на земјоделски површини се соочуваат со големи проблеми при проширувањето на насадите и навременото извршување на неопходните земјоделски активности, а тоа резултира и со зголемување на дневниците.
Сезонската работа е тешка, се работи на високи температури, на сонце и ретко кој се нафаќа да ја извршува без соодветна дневница. Кај нас таа се движи од 700 до 1.000 денари, во зависност од договорот за храна и пат. Кај лицата што се ангажирани редовно преку таканаречените изведувачи, тие се помали. За разлика откај нас, дневниците во побогатите држави се поголеми. Тие зависат и од работоспособноста на ангажираното лице, т.е. неговата 6рзина изразена во килограми или гајби. Во Грција дневницата беше околу 25 евра, но со настапување на кризата во нивното општество, економијата и бизнисот претрпеа големи промени и Грција како сезонска работна дестинација стана неатрактивна за нашите граѓани истакна Станковски.
Според него, сега Македонците ја посетуваат Италија, во времето на гроздоберот и на јаболкоберот, и со дневници од околу 50 евра го консолидираат својот семеен буџет.
Поради високото учество на земјоделството во нашата економија, како и градежништвото и угостителството, големата потреба од ангажман на сезонски работници во Македонија е сосема нормална, вели Ангел Димитров, претседателот на Организација на работодавци на Македонија.
– Проблемот со наоѓање сезонски работници е присутен и е резултат на повеќе фактори. Голем број од овие лица се корисници на социјална помош или надомест за невработеност и не се одлучуваат да работат сезонски работи од страв да не ја изгубат социјалната помош или надоместокот што го примаат од Агенцијата за вработување, а и голем број од овие работници работат во лоши услови и не ги остваруваат правата од работниот однос вели Димитров.
Според него, во разни земји има различни решенија за овој проблем, некаде работодавците плаќаат одреден надомест и во месеците кога работниците не работат, за да си обезбеди доволно работна сила во периодот кога таа е најпотребна. А, пак, во некои држави постои систем на ваучери за поедноставно плаќање на даноците и придонесите за овие работници.
– Факт е дека за овие работници во Законот за работни односи мора да постои поедноставен систем на пријавување и одјавување од системот на соци јално осигурување за да се избегне работата на црно и да се намали сивата економија истакна Димитров.
Тој вели дека во развиените економии постои тренд на склучување на се поголем број договори за работа на одредено време наместо договори за неопределено работно време. Овој тренд е резултат на политиката за флексибилност на работните места за да се охрабрат работодавците полесно да отвораат нови работни места.