Бербата на тутунот во полн ек
Бербата на тутунот во поширокиот прилепско-крушевски регион е во полн ек. Како што информираат од Сојузот на тутунски здруженија на околу 70 отсто од засадените површини со тутун се врши бербата, додека на 30 отсто во тек е копањето. Според претседателот Данчо Милески уште во почетокот на сезоната се знае дека годинава ќе има помалку род на тутунот.
Големо влијание имаше немањето расад за тутун, па некои површини останаа подоцна да се засадат или, пак, некои не беа ни засадени. Наши процени се дека годинава ќе има околу 20 илјади тони, доколку не се случи да биде уништен родот од градот каков што е случајот во долненско-крушевскиот регион каде што од невремето деновиве беа уништени 80 отсто од засадените површини вели Милески. Низ целата држава тутунот е засаден на површини од над 13 илјади хектари, од кои 6.730 хектари се само во прилепскиот регион. Според првичните процени на тутунарите и на Сојузот на тутунски здруженија квалитетот на тутунот е добар, со оглед дека се берат долните берби. Од 10-те откупни компании само неколку најавиле корекции на цените на класите. Тутунарите сметаат дека во вакви услови треба да има повисоки откупни цени на тутунот, особено на третата класа. По подолго време годинава ќе се откупува крупно – листен тутун од типот вирџинија, за кој најмногу договори има во општината Могила, а за што пројавила интерес грчката компанија „Секе”.