Корона кризата удри по земјоделието
Корона кризата сериозно го погоди и земјоделскиот сектор. Први на удар беа производителите на зелка кои се соочија со отежнат пласман и ниски цени. Земјоделците стравуваат дека последиците од оваа криза може да се почувствуваат и во вториот циклус на култури од градинарското производство, односно индустриската пиперка. Го поздравуваат сетот мерки што Владата ги донесе за ублажување на последиците од кризата со вирусот, но сметаат дека акцентот е ставен на лозарството и тутуно производството.
– Како претставник на земјоделците мислам дека тука конкретно повеќе се спомнуваа два сектори, а тоа е тутуно производството и лозарството. Можеби беше некоја мана во самата изјава, но мислам дека кога се даваат или преземаат мерки во одреден сектор, конкретно во земјоделието мислам дека неминовно е да бидат опфатени сите гранки, како од растително така и од животинско производство. Се зависи од тоа како и на кој начин ќе бидат применети и временскиот период кога ќе бидат применети во самиот сектор.. вели Ристо Велков – Сојуз синдикат на земјоделски произвводители.
Според Ристо Велков од сојузот синдикат на земјоделците она што недостасува во овој случај, но и воопшто кога станува збор за решавање на проблемите во секторот е слабата комуникација помеѓу институциите , земјоделците и трговците. Замерка има и на пасивноста на земјоделските здруженија
– За жал и оваа година затаија средбите со институциите како што е министерството за земјоделие и самите трговци, т.е. откупувачи. Да знае барем колку толку нашиот земјоделски производител како и на кој начин ќе биде пласиран производот од индустриска пиперка. За жал останува она триесет годишно искуство и оваа година, да биде на сила стихијното производство и стихијниот пласман на индустриската пиперка.,, вели Велков.
Сеидбата на индустриската пиперка или популарната ајварка во струмичкиот регион веќе е на самиот крај. Според првичните проценки на градинарските здруженија, оваа сезона се очекува површините со оваа култура да бидат зголемени за 10 до 20%.
Извор: Сител