Потпишани првите договори со Центрите за развој на планските региони за финансиска поддршка за изградба на пристапни патишта до ниви
Преку оваа Програма се доделува финансиска поддршка за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој.
Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, ги потпиша првите договори со Центрите за развој на планските региони, за Јавниот повик преку Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за капитални субвенции. Преку оваа Програма се доделува финансиска поддршка за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој.
„Со помош на овие средства, Центрите имаат можност да реализираат инвестиции за подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба и реконструкција на пристапни патишта во подрачја со интензивна земјоделска дејност. Финансиската поддршка ќе се искористи за израмнување, проширување и тампонирање на пристапните патишта до земјоделките површини. Со ваквиот тип на инвестиции ќе се подобри и олесни пристапот до нивите, ќе се овозможи побрз транспорт и ќе намали оштетувањето на земјоделските производите при транспорт“, изјави министерот Димковски.
Министерот посочи дека за овој втор јавен повик, за почеток, се потпишаа првите договори со четири Центри за развој на плански региони, за девет инфраструктурни проекти, за што вкупната финансиска поддршка е 5,2 милиони денари. Овие први договори се потпишани со Североисточен, Вардарски, Источен и Југоисточен плански регион. Во следниот период ќе се потпишат и останатите договори.
Димковски потенцираше дека во овие тешки времиња кога нашата држава се наоѓа пред сериозен предизвик во справувањето со последиците од вирусот КОВИД 19, важно е да се создадат услови за покренување на земјоделството, поради што непречено продолжува реализацијата на капиталните инвестиции во земјоделството, и во оваа вонредна состојба.