Продолжуваат да течат сите рокови по ИПАРД Програмата
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги информира сите апликанти и корисници на средства од ИПАРД програмата, дека продолжуваат да течат сите рокови на претходните отворени повици по ИПАРД 2 Програмата а за кои Владата на РСМ во април преку Уредба ги стави во мирување заради заразата со „КОВИД 19“.
Ова значи дека, од овој момент, продолжува да тече процесот за поднесување на барањата за МЕРКА 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства од ИПАРД 2 програмата.
Новиот, краен рок за доставување на апликациите за „Мерката 1“ е до 3 август 2020 година.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бабовски, појасни дека сите заинтересирани и апликантите имаа доволно време, но и со новиот рок имаат дополнителен период да ја приберат потребната документација, и сега по нормализирање на состојбата треба да ги комплетираат и да ги достават апликациите и предлог проектите до АФПЗРР.
Преку сетот на мерки кои беше донесен во април, обезбедивме намалување на штетните последици, појаснува Бабовски. Цел свет запре, запре економијата, границите беа затворени и со тоа дел од странките беа попречени навреме да ги набават опремата и машините кои се дел од предлог инвестициите за кои имаа склучено договори со АФПЗРРР.
„Постоеше реална шанса дел од странките да се соочат со губење на одредени права на финансиска поддршка поради неисполнување на законските рокови за набавка на опремата за која склучиле договори а заради вонредната ситуација и не по нивна вина не можеше навреме да ги достават документите, или да ги завршат проектите за кои потпишале договори. На овој начин, успеавме да ги растеретиме земјоделците, но и претпријатијата од агро секторот од бркање на рокови како и создавање на дополнителен притисок“, изјави директорот Бабовски.
Бабовски, апелираше до сите кои за прв пат аплицираат, или пак веќе се во фаза на завршување на предлог проектите за инвестиции, да ги докомплетираат и да ја достават целосната документација по пошта на следната адреса:
Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој,
бул. „ 3-та Македонска бригада“ бр.20
(зграда на Македонија Табак блок Ц ) 1000 Скопје
Апликантите пак кој претходно имаа склучено договори и чии рокови за реализација на инвестициите истекоа во време додека траеше вонредната состојба, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за основање на Агенција, имаат рок од 60 дена по завршувањето на вонредната состојба да ги реализираат инвестициите.
Додека пак оние на кои роковите за реализација сеуште им течат, рокот им се продолжува за онолку денови колку што рокот за реализација бил стопиран за време на траење на вонредната состојба и тоа почнувајќи од денот на престанокот на вонредната состојба. Апелираме апликантите да ги запазат роковите до кога треба да ги завршат инвестициите, бидејќи ние создадовме услови за да може успешно и целосно да се финализират отпочнатите проекти, соопштуваат од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.