fbpx
ВестиМакедонијаСоветиТоп вести

Наводнување ,,капка по капка,,

Потребата за примена на современи системи за наводнување се зголемува не само заради пазарниот императив, туку и како мерка против климатските промени. Современите системи за наводнување нудат решенија кои ја намалуваат потрошувачката на вода, го намалуваат не пожелниот вегетативен пораст, го зголемуваат квалитетот на производот и гарантираат константен квалитет.

 

Системот за наводнување „капка по капка“ е најнапредна технологија во наводнувањето, најрационално ги искористува расположливите количини на вода и придонесува во зголемување на приносите.

Наводнувањето „капка по капка“ претставува рамномерно и споро наводнување на растенијата.

Штеди време и пари, лесно се поставува и на секое растение му ја дава потребната количина на вода. Наводнувањето „капка по капка“ има многу предности во однос на другите начини на наводнување, и тоа:

  • Водата оди таму каде е потребна, што е една од најголемите предности на овој вид на наводнување. Траките (цревата) се поставуваат непосредно покрај растенијата, така што се наводнува само зоната на кореновиот систем. Водата оди директно на коренот на растението. · Заштеда на вода. Ефикасно се искористува водата со тоа што се наводнува само зоната на коренот и не се заливаат делови на кои нема растенија, се намалува количината на вода за залевање.
  • Лесно се инсталира. Системот „капка по капка“ е релативно евтин систем за залевање и лесно се поставува.
  • Рамномерно и прецизно залевање. Нема стрес за растенијата заради наглата промена на режимот на влагата.
  • Се намалува појавата на плевели. Заради наводнување исклучиво во зоната на кореновиот систем, намалена е појавата на плевели, бидејќи нема непотребно влажнење на околната површина.
  • Широка примена. Може да се користи на различни конфигурации на теренот и на различни типови на почви. На траките се наоѓаат капалки кои пропуштаат различна количина на вода (од 2-12 литри по метар). Врз основа на карактеристиките на теренот, водата и потребите на растенијата за вода, се одредува правилен режим на наводнување врз основа на кој се врши избор на траките (црева) за наводнување.
  • Погоден е за фертиригација. Системот капка по капка е идеален за прихранување на растенијата, затоа што на тој начин се врши дозирање и апликација на храна директно во зоната на коренот. Овозможува примена на хемикалии (хербициди, инсектициди, фунгициди, нематоциди, регулатори на растот) заедно со водата, што има предност и од економска и од еколошка гледна точка.
  • Се намалуваат габните заболувања кои настануваат со задржување на водата на лисјата.
  • Може да се користи без создавање на ерозија на почвата на наклонети терени.
  • Можност за наводнување во текот на цветањето, без загрозување на опрашувањето (кое се јавува кога се наводнува со распрскувачи).
  • Намалена опасност од засолување на почвите, честото наводнување влијае на намалувањето на концентрацијата на соли во почвата, ја елиминира можноста за директни оштетувања на листот од висока концентрација на соли, ги мие солите на рабовите од ризо сферата.
  • Не бара посебно одржување. Под одржување се подразбира: редовно чистење на филтерот, миење на мрежата пред почетокот и на завршувањето на сезоната на наводнување, како и внимавање при меѓу редовата обработка за да не дојде до механичко оштетување. Редовната контрола, правилниот работен притисок и правилното поставување обезбедуваат функционално и долготрајно работење на системот

Благодарение на тоа што системот работи на низок притисок трошоците за енергија се сведени на минимум. Системот „капка по капка“ се состои од: главен вентил, регулатор на притисокот, манометар, неповратен вентил, вентил за обезвоздушување, систем на инјектирање на хемикалии, филтри, главен цевковод и секундарни црева со капалки.

М-р Цветан Јовановски АПРЗ

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close