Пазарџиите : Добро ни дојде што луѓето не одат по одмори, само вака да биде цело лето
Пазарџиите на зелените пазари се задоволни од прометот што го прават, а купувачите, пак, можат да купат краставици по 30 денари за килограм, пиперки од 30 до 50 денари, домати од 40 до 70 денари, компири за 20 денари, тиквички за 10 денари, цреши од 60 до 100 денари, лубеница за 15 денари, праски за 25 денари за килограм.
Продавачите на зелените пазари велат дека на тезгите одамна не им дошле толку муштерии. Особено е раздвижено пред викендите, а и во вторникот, пред неработниот ден поради изборите, од народ не можеше да се помине.
Еден од пазарџиите вели дека голем дел од пиперките ги продал уште во утринските часови.
– Добро ни дојде што луѓето не одат по одмори, само вака да биде цело лето! – задоволно вели продавачот на пиперки.
Разговаравме и со еден од продавачите на тиквички, моркови, целер… Тој вели дека навистина сега во време на корона, луѓето повеќе трошат, но сепак не како во времињата што тој ги памети.
– Јас сум долги години на пазарот и паметам времиња кога овошјето и зеленчукот речиси исклучиво се купуваа на пазар. Но тоа време беше кога немаше големи маркети и кога луѓето околу 15 часот се враќаа од работа. Тогаш, да се дојде до добра тезга на пазарот, беше влезница за убава заработувачка. Времињата се сменија, но новонастанатата ситуација ме потсетува на тоа време – вели нашиот соговорник.
Претседателот на здружението „Агросојуз“ од Струмица, Ристо Велков, вели дека некоја објективна цена во моментов за продажба на пиперките би била околу 30 денари на големо, односно 50 денари на мало.
– Она што со години е проблем кај нас е што во земјоделството има стихијни цени. Во еден ден може да има поголема понуда и нагло да падне цената и така пиперките да се појават на пазар по 30 денари, а веќе друг ден да се јави недостиг и цената значително да им се зголеми. Најдобро е кај тутунот и кај корнишоните за преработка. Кај нив има класи и цени што однапред се знаат – вели Велков.
Велков вели дека оваа година била особено ветровита и им нанела огромни штети на пластениците, кои се скинале.
извор:Скопјеинфо