Дебарско Езеро збогатено со 50.000 речни пастрмки
Дебарско Езеро завчера беше порибено со 50.000 парчиња подмладок речна пастрмка, во согласност со договорот на Репроцентарот на земјоделската задруга „Охридска риба“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Порибувањето го следеа директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трипуновски, како и претставници од Подрачната единица на МЗШВ и од други надлежни институции.
– Порибувањето е во рамките на план-програмата за збогатување на рибниот фонд во езерата во Македонија за што се предвидени 14 милиони денари. За денешното порибување се издвоени 200 илјади денари, а парчињата речна пастрмка се од 5 до 15 грама. И во иднина наш приоритет ќе биде заштита и збогатување на рибниот фонд – изјави Трипуновски.
Според него, надлежните инспекциски служби редовно вршат контрола за заштита на рибниот фонд, како резултат на што е намалено нелегалното ловење риба на сите реки во земјата. Паралелно, додаде Трипуновски, се врши контрола на обврските на концесионерите, како во однос на порибувањето, така и во однос на заштитата и почитувањето на критериумите за количеството уловена риба.
„Охридска риба“ со 30.000 парчиња подмладок автохтона пастрмка, го пориби езерото на почетокот на април.