ТИКВЕШКИТЕ ЛОЗАРИ СЕ РЕВОЛТИРАНИ НА ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ НА ГРОЗЈЕТО
Откупните цени од 7 до 9 денари по килограм грозје за сортата вранец и од 4 до 6,5 денари по килограм за сортата смедеревка кои ги објави росоманската винарија „Мовино“ ги разгневи лозарите од Тиквешијата.
Тие сметаат дека ова се понижувачко ниски цени за грозјето, кои ги омаловажуваат лозарите. Од здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци ќе бараат државата да го откупи целиот род, поради економската криза, која ја предизвика пандемијата на коронавирус.
И градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев е револтиран од откупните цени на „Мовино“. Тој ги нарече неприфатливи и недолични и вели дека со овие цени се потценува целиот труд на лозаропроизводителите, нивното макотрпно работење и нивниот производ. Јанчев вели дека нема да прифати цени пониски од минатогодишните.
„Апелирам до сите останати винарии, овие цени во никој случај да не им бидат пример за нивните ценовници. За мене како градоначалник, а воедно и како лозаропроизводител, цени пониски од минатогодишните не се прифатливи. Економската ситуација е лоша во целиот свет, но тоа во никој случај не треба да се одрази на лозарите.“
Од Министерството за земјоделство велат дека лозарите, винариите и државата треба да бидат партнери, бидејќи имаат заедничка цел, а тоа е земјоделско производство од кое сите ќе имааат бенефит.
„Не смее да има никакви злоупотреби и уцени кон земјоделците од страна на било која винарија. Ги повикуваме винариите да имаат коректен однос кон своите партнери – земјоделците, да формираат цени кои нема да бидат навредливи за трудот на земјоделецот, туку напротив ќе го стимулираат производството, а земјоделците ќе чувствуваат дека нивниот труд е почитуван и ценет.“
На иницијатива на градоначалникот Јанчев, утре во Кавадарци средба со лозарите ќе има министерот за земјоделство Трајан Димковски, на која ќе се разговара за годинешниот откуп на грозјето и цените по кои тоа ќе се откупува.