Ако не се договорат лозарите и винарниците, државата ќе ја спасува винската индустрија од колапс?
Ако државата не интервенира, на винската индустрија ѝ се заканува колапс. Лозарите и винарите со спротивставени мислења околу висината на откупната цена на грозјето. Едните велат дека откупни цени се ниски и понижувачки и оти не можат да им ги покријат ниту производните трошоци, а за другите пак тие се реални со оглед на падот на продажбата на виното и на цените на светските пазари
Лозарите и винарниците уште пред почетокот на откупот на годинашната реколта почнаа со препукувања околу откупната цена на грозјето. По објавените откупни цени на една винарница во јавноста почнаа да кружат негативни реакции во јавноста за односот на винарниците кон лозарите. Откупните цени од 4 денари за „смедеревка“ и 7 денари за „Вранец„ се понижувачки и навредливи за трудот на лозарите, а за винарниците пак овие цени се многу ниски бидејќи кризата предизвикала сериозни проблеми во продажбата и извозот на вино и оти не добиле никаква помош од државата.
Од друга страна, пак лозарите тврдат дека винарниците се тие кој добиле помош од државата да се справат со последиците од ковид-19 и оти пак се незадоволни и сакаат да заработат на нивната мака.
-Со ниските откупни цени винарниците секоја година нè понижуваат, но ова годинава е врв. Сите винарници добија помош од државата за да се справат со последиците од ковид-19, а лозарите не добија ниту денар. И пак тие се незадоволни и сакаат да заработат и на нашата мака. Со вака ниските откупни цени веќе никој нема да сака да го работи лозјето и ќе го уништат цело лозарство. Жално е ова што ни го прават, велат лозарите и бараат грозјето да се продава најмалку по ланските откупни цени.
Револтот е уште поголем кај оние кој имаат ангажирано работници кој треба да ги платат. Велат дека со вака ниски откупни цени нема да можат да ги платат ни работниците и да ги покријат трошоците, а за заработка воопшто и не станува збор.
Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, за весникот ВЕЧЕР изјави дека откупната цена на грозјето 20 години е иста и наместо и наместо да се зголеми, тие уште повеќе ја намалуваат.
И министерот за земјоделство,Трајан Димковски смета дека вака ниските откупни цени се навредливи за трудот на земјоделецот и не го стимулираат производството.
-Не смее да има никакви злоупотреби и уцени кон земјоделците од страна на која било винарница. Винарниците треба да формираат цени кои нема да бидат навредливи за трудот на земјоделецот, туку, напротив, ќе го стимулираат производството, изјави Димковски и ги повика винарниците доколку имаат потреба аргументирано да бараат соодветни реални мерки од државата.
Податоците од Здружението „Вина од Македонија“ покажуваат дека поради кризата продажбата на вино на домашен пазар се намалила за 80 отсто, а цените на наливното вино на светските пазари за 40 отсто што предизвикало намалување на цената на македонското вино што се пласира на овие пазари.
Сето ова сериозно ја влошило финансиската состојба на винарниците и го довело во прашање редовното производството на вино и реализацијата на годинешниот откуп на грозје и претставува потенцијален проблем и за лозарите и за државата.
За да може да се откупи целокупната количина на грозје од годинешната берба по дефинирани цени, од Здружението велат дека ќе биде неопходна директна финансиска поддршка од државата. Во спротивно, велат постои реална опасност за целосен колапс на македонската винска индустрија која обезбедува годишен извоз од околу 50 милиони евра и обезбедува работа и социјална сигурност за околу 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби.
Во Министерството за земјоделство за наредната недела е закажан состанокот на кој се очекува да бидат разрешени сите дилеми околу откупот и откупните цени за годинашната реколта.