Раде Момировски – душата и срцето ми се во Белица
Во крајниот јужен дел од Кичевската котлина на источните падини на Илинска планина се наоѓа селото Белица. На надморска височина од 760 м. селото е опкружено со дабова и борова шума низ кое тече Беличка река. Богате со историја и прекрасна природа во која ако ја посетите ќе уживаат сите сетила. Чистиот воздух, надополнет со жуборот од реката, цвркотот на птиците и прекрасните пејзажи не оставаат никого рамнодушен. Прво што ќе ви дојде на ум дека има идеални услови за развој на рурален туризам. Пријатната умерена континентална клима во голема мерка тоа го дозволува. Има слична судбина како и други села во Македонија. Од село полно со живот, сега е напуштено и во моментов постојано живеат дваесеттина жители.
Зелена берза сакајќи да ги сочува од заборав македонските села го посети ова село каде сите намерници се добредојдени. Уште на самиот влез на селото се забележува недопрената природа. Колку повеќе навлегувате во Белица наидувате на стари селски куќи со специфична архитектура која подлегнала на забот на времето. Во минатото жителите се занимавале со производство на земјоделски култури од кои најзастапени биле пченката и компирот. Некогаш овде имало килимара. Селото било богато со овци и кози, а денес тоа е реткост и скоро да ги нема.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на пописот во 1994 година биле запишани 115 жители, бројка што денес не може да ја стигнат ниту луѓето кои доаѓаат за време на летниот период и викендите .
За среќа од пред 10 години започната е иницијатива на граѓани за заживување и ревитализација на селото.
-Во минатото беше едно од најразвиените села во Кичевскиот регион. Имаше училиште во кое доаѓаа 200 деца од Прострање, Козица, Велмевци и др.села. Немаше пат до градот и се користеа магариња и запрежни коли до 1977 година кога беше изграден пат. Но дотогаш голем дел од населението веќе се исели барајќи подобар живот прво во Кичево, а оттаму и во странство. Голем број од жителите заминаа во Шведска, Австрија и други странски земји, а некои денес се враќаат. Јас 30 години живеев во Франција , но душата и срцето ми беа овде во Белица, се вратив и сега сакам да помогнам да го вратиме животот во селото и да се искористат сите благодети кои постојат овде, рече за Зелена берза Раде Момировски. Се собравме десеттина ентузијасти и формиравме здружение за развој на селото. Го реновиравме училиштето и сакаме да го направиме во повеќенаменски објект каде ќе има простор за културни активности, просторија каде ќе може да се пробаат традиционални производи и секако соби за престој. Јас дојдов во Македонија да реализирам идеи кои ќе помогнат во развојот на селото и пошироко. Бев подготвен да донесам и инвеститор од Франција за изградба на мини хидроцентрала, но за жал идејата не се реализира. Тоа не ме обесхрабри, продолжив да се обидувам да направам нешто корисно во и за селото, додава Момировски.
Раде отсекогаш сакал да има сопствена фарма со кози, која ќе биде модерно опремена и во која ќе се произведува сирење и други производи.
-Нема млади што сакаат да се занимаваат со ова. Не знаат дека и фармер може да биде господин. Се срамат да работат и да кажат дека потекнуваат од село. Јас се гордеам и секаде кажувам дека сум селанец од Белица, вели Раде.
Вели дека со реновирањето на црквата Св.Ѓорги малку по малку се враќа животот во селото. Среден е просторот околу црквата каде е направен специјален амфитеатар и тука се организираат различни настани.
Веќе 9 години во селото се одржуваат „Белички средби“ на кои присутни се голем број мештани кои потекнуваат не само од Белица туку и од други места, а доаѓаат и голем број на странци. Манифестацијата е збогатена со културни содржини : читање поезија, фолклорни содржини, на кои земаат учество и познати естрадни уметници. Без традиционална храна не се може. По долги години во селото повторно заживува традицијата и се одбележува празникот „Богојавление“, а на 26 мај се слави Св. Александар кој е селска слава. Радува фактот што во селото повторно се организираат венчавки и крштевки.
Како што вели Момировски со многу труд и љубов несебично го обновуваат селото. Сето она што до сега успеале да го реновираат и обноват го прават со средства собрани со самопридонес како и донации на фирми. Смета дека овој пример треба да го следат и другите села, затоа што во Македонија постојат извонредни услови за рурален туризам.
Селаните не застануваат тука. Скептицизмот што бил присутен на почетокот од обновата се губи и имаат планови за развој. Местото има потенцијали и можности за развој на рурален туризам, но финансиите се најголемиот проблем.
Она што забележавме при нашата посета беше контрастот, од една страна стари трошни куќи кои пропаѓаат, а од друга страна се слуша чукањето на чеканот и кревањето на нова „чатија“ од куќа. Се зголемува бројот на стари куќи кои се реновираат и се враќаат луѓе да живеат во нив.
За сега повеќето се пензионери но сметаат дека со реализирањето на новите идеи овде ќе доаѓаат и младите.
Кире Радески е поранешен жител на Белица кој веќе три години заедно со својата сопруга Вера ги поминува своите пензионерски години. Ја реновирале и оспособиле старата куќа и сега уживаат во она што им го нуди природата.
-Јас сум бил секогаш врзан за ова село и овој крај, оваа природа, зеленило, топлина сè. Затоа се вратив. Сега сè е сменето. Порано се знаеше, секоја педа земја беше изорана, искосена, се жнееше. Основни продукти за живот се обезбедуваа од овде, сега нема ништо. За да се вратат луѓето државата треба повеќе да ги поддржува. Порано ние го снабдувавме градот со прехранбени продукти, сега е обратно , ние чекаме од градот да стигнат. Имаме бавча каде за наши потреби произведуваме пиперки, домати , грав компири, праз, зелка, но за останатото еднаш неделно одиме во Кичево да пазариме, вели Кире.
Еленчето Бамби е атракција во Белица
Повеќе од две години семејството Радевски има уште еден член. Тоа е малото еленче Бамби. Шетајќи низ шумата во која често оди, Кире го пронашол еленчето кое било исплашено и изнемоштено.
-Случајно го најдов во шумата, беше малечко и исплашено. Го донесов дома и прво не знаевме што да правиме. Му дававме млеко и спиеше со нас во спалната. За брзо време се прилагоди тоа на нас и ние на него. Му направив куќарка и му обезбедуваме секаква храна што му е потребна, објаснува Кире.
После објавеното видео за еленчето на фејсбук страницата на Белица, приказната се раширила на секаде низ државата така што посетители на ова село сакаат да го видат и еленчето.
-На почетокот ни беше страв да кажеме на останатите луѓе, за да не ни го земат. Јас немам никаква корист или друг интерес од тоа што еленчето е кај нас. Премногу го сакам и го чувствувам како член на нашето семејство. Не можам да замислам да не е овде. На неколку пати го пуштавме во шумата да си замине, ама тоа повторно се враќаше дома. Цвекло, краставици и секое друго овошје и зеленчук за него набавуваме. Многу луѓе доаѓаат да го видат. Вистинска атракција е, вели Вера Радеска сопругата на Кире.
За време на викендите особено во лето селото е најмногу посетено
Во селото Белица поседувам стара куќа наследена од моите предци. Мојата мајка е од фамилијата Запатовци, а мојот татко е од фамилијата Мурговци. Заедно со моето семејство одам таму за викенд и за празници. Во близина на селото имаме мала градина во која имаме насад на органски одгледуван зеленчук кој воопшто не се третира со никаков хемиски препарат. Престојот таму ни овозможува да се релаксираме и да се оддалечиме од секојдневниот брз ритам на животот, Едноставно мирисот на утринското кафе помешано со песната на птиците и жуборот на блиската река е незаменливо. Понекогаш одиме во блиската шума да собираме шумски плодови: капинки, печурки, малинки, шипинки, дренки, диви лешници и др. Едноставно таму во селото дружбата со роднините и пријателите секогаш ја доживуваме на повисоко ниво, вели за Зелена берза Сашо Вељановски.
Во наредниот период активностите на тимот задолжен за развој на руралниот туризам ќе бидат насочени во средување на патната инфраструктура низ селото, поставување на контејнери за што е во план склучување договор со комунално претпријатие за подигнување на отпадот. Во соработка со месната заедница и со општина Кичево доделување на локации за градба на индивидуални и стопански објекти може во голема мера да го забрза враќањето на младите, а се планира избор, каталогизација и изградба на објекти со намена за сместување на туристи. Постојана понуда на локални органски производи, категоризација на локални шумски плодови кои ги има во изобилство, формирање на здружение за понуда на домашни специјалитети приготвени на традиционален начин и изградба или пренамена на објект за музеј со поставка на стари предмети од селото се идеите за натамошен развој на с.Белица.
Павлина Јовановска