fbpx
Вести

На српските тезги се продава овошје и зеленчук полно со пестициди

Српското овошје и зеленчук кое се продава на нивните пазари е преполно со пестициди. Српските медиуми деновиве информираат дека речиси никој од земјоделците не ги чита упатствата за употреба на лековите наменети за растенијата. Повеќето од нив се` уште се водат по девизата „стави уште малку од лекот да бидеш сигурен дека дејствува“. Во нашата земјоделска инспекција велат дека интензивно се вршат контроли на граничните премини и досега не е забележана ниту една пратка од Србија со недозволена количина пестициди. Дека постои проблеми со пестицидите пред неполн месец алармира и руската агенција за храна „Россељхознадзор“, која излезе со соопштение дека српското овошје и зеленчук се полни со пестициди. Најголема количина пестициди од нивна страна беше најдена во јагодите и тогаш спорни беа околу 435,7 тони. Според резултатите од анализите, беше утврдено дека во јагодите најмногу имало нитрити, и тоа во 83,2 тони.

na srpskite tezgi se prodava ovoshje i zelenchuk polno so pesticidi

 

Нема пестициди во увезеното

Македонската земјоделска инспекција вели дека нивни инспектори се постојано на терен.

– Интензивно се вршат контроли на граничните премини и досега не е забележана ниту една пратка од Србија со недозволена количина пестициди. Исто така, во однос на она што се произведува кај нас во изминатиов период не се констатирани неправилности при користењето пестициди – вели Јана Ѕалева, портпарол во Земјоделскиот инспекторат.

Во Агенцијата за храна на Македонија неодамна ни изјавија дека во првите пет месеци годинава од Србија сме увезле само кромид и морков, но нивните контроли не покажале вишок пестициди.

Според нашите закони, земјоделците мора да водат писмени документи со датуми, количини и типови средства за заштита на растенија ги користат за прскање. Овие книги треба да им бидат на располагање на инспекторите при контролите. Исто така, земјоделците треба да водат строго сметка за каренцата, период од последно прскање до берба која е строго одредена кај секој препарат.

Шверцувани препарати

Пред извесно време српските медиуми наголемо почнаа да пишуваат дека во нивните земјоделски производи има многу пестициди.

Марко Симетиќ, претседател на земјоделско здружение од Србија, вели дека кај неговите постари колеги се` уште важи девизата „дотури уште малку од отровот“.

– Обработувам 60 хектари земја главно пченка и пченица, сончоглед и соја. Многу од моите постари соседи се` уште не го прочитале она што е напишано на пакувањето за заштита на растенијата, но тие ставаат по сеќавање онолку колку што ставале нивните дедовци и татковци иако станува збор за сосема поинаков препарат – вели Симетиќ.

Драгана Димитриевиќ, извршен директор на СЕKПА, асоцијација што ги обединува најголемите производители во светот на производи за заштита на растенијата присутни на српскиот пазар, вели дека еден од најголемите проблеми кај нив е нелегален увоз и продажба на препарати што не се сертифицирани во Србија.

– Обично препарати се шверцуваат од Турција и Украина. Ние ова постојано го потенцираме пред полицијата и инспекторите, но мора да се привлече вниманието на земјоделците бидејќи таквите препарати го загрозуваат здравјето на луѓето пред се. Никој не знае што ќе предизвикаат овие растенија по консумирањето – вели Димитриевиќ.

Тој објаснува дека увозниците имаат јасни правила кон кои треба да се придржуваат, како и строга контрола на границата.

Пестицидите отров во храната

Меѓународна организација на специјалисти за храна неодамна излезе со резултати од свое истражување според кое најголема опасност за луѓето доаѓа од пестицидите и нивното неконтролирано користење. Токсините доаѓаат од пестицидите, од загадувањето на храната со несоодветна амбалажа, од користење несоодветна вода во текот на производството. Труење, спонтани абортуси, карциноми се само дел од последиците што се појавуваат кај луѓето.

Валкани 12, чисти 15

Американската организација за храна деновиве излезе со листа на валкани 12 овошја и зеленчуци од пазарите. Анализирани се 32.000 мостри овошје и зеленчук на пестициди. Први на листата се јагодите со остатоци од над 10 пестициди во нив. Во некои имало и над 17 пестициди. Втори на листата се јаболката, кои по пет години паднаа на второ место. Трети се нектарините и обичните праски. Потоа следуваат целерот, грозјето, спанаќот и доматот. Следни е пиперката со над 6 пестициди, шери-доматите и на последно место од првите десет е краставицата.

Во групата чисти 15 производи се авокадото, пченката, ананасот, зелката, грашокот, лукот, шпарглата, мангото, папајата, кивито, патлиџанот, дињата, грејпфрутот и карфиолот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close