fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Официјално почна жетвата на оризот во Кочанско

Со традиционалното рачно зажнејување на првиот сноп, а во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“,  официјално беше означен почетокот на оризовата жетва во Кочанско.

 

На земјоделските површини на Институтот за ориз беа прикажани обичаите поврзани со жетвата и вршидбата на „белото злато“, што годинава е засеано на околу 3.200 хектари.

Поради општата здравствена состојба со Ковид-19 во државата, а посебно во кочанскиот регион, манифестацијата годинава се организира во скратена форма, без присуство на фолклорни друштва и гости од другите општини и од збратимените градови од странство.

– Пред три години имавме проблеми околу поддршката на оризопроизводителите, но заедно со нивното здружение „Бело злато“ дојдовме до заклучок дека оризот треба да се оддели од останатите полјоделски култури, поради што му дадовме посебен третман. Од минатата година поддршката е зголемена скоро за три пати, односно од шест на 18 илјади денари по хектар. Во екот на пандемијата за оризот имаше зголемена побарувачка, поради што на светските берзи се постигна висока цена. Квалитетот годинава е на високо задоволително ниво, а очекуваме навремена жетва и ангажирање на сите субјекти во постбербените активности, што можеби кај нас со години се занемарени. Тоа кај оризот е од посебно значење и во наредниот период тие ќе бидат еден сегмент што ќе мора финансиски да се поддржи и од Владата и од бизнис секторот, истакна заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски.

 

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев нагласи дека годинава се очекува добар род на оризот, односнно просечен принос од 6.500 килограми по хектар, а најави поддршка за земјоделците и од општината.

-Во рамките на нашите надлежности работиме на подобрување на земјоделската патна инфраструктура со изградба на 12 километри полски патишта. Поддршката што ја даваме на проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ е со цел да се искорени навиката за палење на стрништата и да помогне во наменско искористување на сламата и жетвените остатоци, со што ќе се зачува животната средина, истакна Илијев.

Во рамки на „Деновите на кочанскиот ориз“ беше прогласен и најдобриот оризопроизводител за оваа година, а наградата ја доби младиот Игорчо Ангелов од селото Грдовци, кој од 20 хектари добил 167 тони ориз од сортите, роналдо, андреа, камео и опале. Исто така, признание за одличната соработка во организирањето манифестации поврзани со промоцијата на оризот ѝ беше доделено на месната заедница од селото Горни Подлог.

Извор:МИА

Слични написи

Back to top button
Close