Сточниот фонд во Македонија континуирано се намалува
Од бројките што ги објавува ДЗС се забележува дека низ годините имаме континуирано намалување на бројот на добиток, за разлика од земјите-членки на Европската Унија, каде што, и покрај флуктуации во добиточната популација, производството се одржува на завидно ниво
Бројот на говеда, овци, свињи и живина што се одгледуваат во Македонија со години е во постојан пад. Ова може да се забележи од податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, каде што истовремено се забележува и пад на домашното производство на свежо месо. Податоците на ДЗС покажуваат дека расте домашното производство само на свежо свинско месо, преостанатите се намалуваат.
– Во 2019 година, бројот на говедата, овците, свињите и живината бележи опаѓање и во однос на 2009 и во однос на 2014 година. Производството на свинско месо е во пораст во 2019 година, споредено со претходните години, додека производството на другите видови месо е во опаѓање – пишува во анализата на ДЗС.
Од бројките што ги објавува ДЗС се забележува дека низ годините имаме континуирано намалување на бројот на добиток што се одгледува во Македонија. Така, на пример, во 2009 година во земјава имало 252.521 грло говеда, додека во 2019 тие се намалиле на 217.790 грла. Уште поголем пад се забележува кај бројот на овците, каде што по некогашните 755.356 грла овци избројани во 2009 година, во 2019 нивниот број изнесувал 684.558 грла.
И Европа бележи подеми и падови во бројките
Од друга страна, податоците што ги објавува „Евростат“ покажуваат дека и низ земјите-членки на Унијата има флуктуации во добиточната популација помеѓу 2010 и 2019 година, при што биле регистрирани и подеми и падови во бројот на грлата што се одгледуваа. Податоците укажуваат дека на крајот од минатата година во ЕУ биле избројани 143 милиони свињи, 77 милиони говеда, 62 милиони овци и 12 милиони кози, при што во анализата на „Евростат“ е посочено дека во одредени земји имало поголема застапеност на популацијата на добиток отколку во други.
– Во Шпанија се одгледани дури 22 проценти од вкупната популација на свињите во ЕУ, потоа 9 отсто од говедата на ЕУ, 25 проценти од популацијата на овците на ЕУ и 23 отсто од козите во ЕУ. Во Германија се одгледани 18 проценти од вкупниот број на свињите во ЕУ и 15 отсто од говеда во ЕУ. Во Франција имало 9 отсто од свињите во Унијата, 24 проценти од говедата одгледани во ЕУ и 12 отсто од овците на ЕУ – наведува „Евростат“ во својата анализа.
За разлика од европските развиени земји, кои исто така се карактеризираат и со развиено индустриско производство, каде што земјите преземаат разни мерки и за спас на домашното сточарство, кај нас континуирано се намалува сточниот фонд. Бројките укажуваат дека земји со добро развиени индустрии, сепак, практикуваат да ги одржуваат земјоделскиот сектор и домашното производство на месо. Македонија иако има големи предности, многубројни богати пасишта, сепак бележи големо опаѓање на бројот на добиток.
Упатените во проблематиката укажуваат дека има повеќе причини што придонесуваат и понатаму да се намалува бројката на стока што се одгледува во земјава, иако се преземаат разни мерки за стимулирање на овој сегмент.
– Ланската година имавме програма за набавка на стелни јуници, покрупен добиток, како и поддршка за набавка на овци и кози со педигре. Недостаток е што за вакви животни ние немаме одгледувалишта, туку истите тие се во Шпанија, Италија, Грција… што е проблем бидејќи е поскапо за набавка. Добро е што државата во оваа ситуација им враќаше половина од сумата на оние сточари што направија такви набавки. Добра субвенција се и мерките за поддршка на зачувано женско јаре и јагне, кои се неопходни за понатамошна обнова на сточниот фонд – вели Петар Андонов, советник за сточарство при Агенцијата за поттикнување на земјоделството.
Извор:Нова Македонија