И во време на пандемија се прави ајвар, но без помош од комшиката!
За разлика од порано кога за правење ајвар се викаа сосетките за лупење пиперки и со кои се правеа муабети за сè и сешто, сега поради короната ја нема таа дружба и секој сам си прави ајвар. Ајварот е неизбежен зимски специјалитет и секое македонско семејство мора да го има во шпајз во текот на цела зима и покрај тоа што некои домаќинки велат дека не им стигнува ниту до Нова година и оти брзо се јаде
Сезоната на зимници е во полн ек. И во време на пандемија се прават ајвари, пинџури, салца, џемови, слатка и други специјалитети од зеленчук и овошје. Како што велат македонските домаќинки, и да има и да нема пари ајвар мора да се направи. Голем дел од оние што се љубители на овој македонски специјалитет, а немаат време да го направат дома можат да го купат во маркетите каде има голем избор на секаква зимница. Но, за вистинските домаќинки зимницата од маркетите не е ни приближно иста како домашната во која знаеш што и колку си ставил.
Меѓу домаќинките има поделено мислење околу тоа дали ајварот да се прави дома или да се купи во маркет. Оние постарите кои живеат во куќи со дворови никако не можат да се помират со фактот дека и во маркетите може да се купи вкусен ајвар, а оние што се вработени и немаат време за правење домашен ајвар немаат друг избор освен да си купат готов.
-Секоја година правам зимница. Лутеница направив, а сега ќе правам и ајвар, но годинава поради короната нема да ги викам сосетките на лупење пипер. И покрај тоа што сега во маркетите има секаква зимница задоволство ми е да си го направам сама. Сепак, мислам дека зимницата од маркетите не е толку вкусна колку домашната. Што се однесува до цената, пиперот годинава е поскапен, па нема некоја разлика помеѓу купениот и домашниот ајвар, вели Зорица од Скопје.
За разлика од порано кога за правење ајвар се викаа сосетките за лупење пипер со кои се правеа муабети за сè и сешто, сега поради короната ја нема таа дружба и секој сам си прави ајвар.
-Веќе направив дваесетина тегли ајвар и лутеница. И покрај тоа што пиперот годинава е малку поскап од 30 до 35 денари за килограм, навикнати сме на вкусот на домашниот ајвар. Јас сама си го правам ајварот, понекогаш ми помагаат ќерките, а сосетките не ги викам на помош, вели тетка Вида од Драчево.
Ајварот е неизбежен зимски специјалитет и секое македонско семејство мора да го има во шпајз во текот на цела зима и покрај тоа што некои домаќинки велат дека не им стигнува ниту до Нова година и оти брзо се јаде.
-Ќе правиме лутеница, но живееме во зграда, па затоа ќе одиме во село. Селото ни е на 100 километри од Скопје, па кога ќе видиш поради бензинот поскапо ќе нè фати да го правиме отколку да го купиме во маркет. Правењето зимница за нас постарите е почитување на традицијата и добро потрошено време со работа и во природа, вели Дуле од Скопје.
Сепак, мора да се признае дека ниту еден ајвар не е толку сладок како оној за кој убаво ќе се измачите и ќе си го подготвите дома со своето семејство. Конечно, подготовката на ајварот е составен дел на македонската семејна традиција, а и факт е дека дури и кога се прави по ист рецепт, ајварот во секоја куќа има различен вкус.
Извор:вечер прес