Започна таканаречената сезона на загаден воздух. Тетово повторно е на врвот на најзагадени градови во државата. Мерната станица од Министерството за животна средина и просторно планирање, покажува дека концетрацијата на ПМ десет честичките е за неколку пати поголема од максималните граници.
Аерозагадувањето како што вели народот не е од вчера, ама властите според состојбата на терен така се однесуваат, како загадениот воздух во градот под Шара да е нова појава.
На терен не се преземаат никакви мерки ниту ургентни чекори за намалување на аерозагадувањето. Тоа што е најнормална појава на Јавното комунално претпријате чистење на улиците и другите јавни површини не се прави редовно, а и проблемот со дивата депонија не е решен.
–Старите проблеми не се решаваат, а за мерки не се размислува да се преземат. И да немаме загаден воздих, вообичаените работи како чистење на улици или уредување на депоните треба да биде нормална работа. Лани од Општина Тетово односно Советот на општината, не издвои ниту денар во борбата против аерозагадувањето, истакна една револтирана жителка на Тетово.
Од невладината Еко Герила, велат дека градските но и централните власти треба преку цела година да работаат за намалување на аерозагадувањето, но на терен ништо не се работи. Апелираат градските власти барем сега да преземат ургентни мерки против аерозагадувањето.
–Во борбата против аерозагадувањето треба постојано да се работи. Пропуштено е многу, но народот вели никогаш не е доцна. Сега треба инспекциските служби да работаат на терен и да контролираат. Јавното претпријатие Градски превоз треба што поскоро да набави автобуси, за да се намалат гужвите и сообраќајниот хаос низ градот. Потоа треба да се воведе некој посебен сообраќаен режим во одредени улици во градот каде има многу гужви, и тоа што е најпотребно да имаме засилени инспекциски контроли. Ние на комуналните инспектори но и на инспекторите од областа на животната средина постојано им праќаме фотографии и прекршување на еколошките закони, се палат гуми, се фрла ѓубре, но од нив нема никакви реакции, очигледно теренот кое е нивно поле, за нив е непозната работа, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.
Од Општина Тетово, велат дека нивни служби континуирано спроведуваат мерки за почист воздух.
–Ние ги миеме улиците редовно, тоа се гледа на терен иако невладините организации не обвинуваат дека во градот не е чисто, инспекциите се на терен. Изминатиов период знаете дека дававме субвенции за инвертер клими , така да оваа зима ќе има доста намалена употреба на огревно дрво, што е една од најголемите причини за загадување на воздухот, изјави портпаролот на Општина Тетово Снежана Новаковска.
Дека општината не води грижа за заштита на животната средина ,говори еколошкото дрво поставено во центарот на Тетово во форма на Билборд, кое е целосно упропастено
Еколошкото дрво требаше да ги апсорбира штетните ПМ 10 честички од воздухот, преку мовта засадена во садниците. Проектот се финасираше од невладините и приватните компании, а Јавното комунално претпријатие Тетово требаше само да го наводнува дрвото, кое целосно се исуши поради нивната негрижа.