Четиринаесеттиот квалитативен натпревар на најдобрите светски вина Сира/ Шираз се одржа на 27-29 октомври во Шато д’Ампуис во северната долина на реката Рона, Франција. Во контекст на натпреварот се дегустирани 307 примероци Сира вино од 27 земји, во согласност со меѓународните правила и се доделени само 14 златни медали на светско ниво.
Сира 2017 од Винарија Камник е вино добиено од сопствени насади, и се карактеризира со интензивна рубин црвена боја, висок екстракт и голем потенцијал за созревање, додека букетo изобилува со ароми на црвено и црно ситнозрнесто овошје. Комплексноста на ова вино се должи на 17-месечното одлежување во нови буриња од американски и француски даб кои придонесуваат за добивање дискретни зачински тонови, елегантен и полн вкус, со одлична структура, кадифени танини и добро интегрирани дабови ароми со долготраен послевкус.
Тен Барелс Сира 2017 Резерва од Винарија Камник е вино наградено со уште два златни медали, на Балканскиот меѓународен вински натпревар (The Balkans International Wine Competition) од 2019 и на Мундус Вини од 2020 година (Mundus Vini Spring Edition).
Сортата Сира е родена многу одамна на ридовите на северната долина Рона. Оттогаш успешно се шири и во другите француски региони и низ целиот свет. Како такви, вината Сира/ Шираз покажуваат богат спектар на сензорни карактеристики кои ги рефлектираат нивните различни тероари, клима и винарски практики.
Извор:МКД.мк