fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Климатските промени-наша главоболка

Климатските промени се еден од најголемите предизвици за секој од нас, вклучително и за земјоделците.

Не еден, ами многу, многу проблеми му тежат на грбот на македонскиот земјоделец. Пласманот на производите, откупната цена, климатските промени…Долг е списокот на маките и проблемите кои се натрупани со години и децении, а една е целта да се произведе што повеќе и што поквалитетно и да се обезбеди егзистенција за семејството.

Климатските промени се еден од најголемите предизвици за секој од нас, вклучително и за земјоделците. Последица од покачувањето на содржината на гасовите кои создаваат ефект на стаклена градина во атмосферата се очекува  да ја покачат и температурата на глобално ниво. Покачената температура силно влијае врз покачувањето на испарувањето на водата и зголемување на потребата на земјоделските култури за вода. А токму водата е важна за нормален раст и развој на земјоделските култури. Сето ова силно се одразува врз намалување на приносите кај земјоделските култури кои се одгледуваат без наводнување. Експертите предвидуваат дека „ова намалување се движи од околу 10% во 2025 година, до преку 40% во 2100 година, зависно од културата и условите на одгледување“.

Јасно е како ден, некои култури нама да може повеќе да се одгледуваат без  соодветно наводнувањето. Сето ова укажува дека влијанието на климатските промени врз земјоделското производство во нашата држава ќе има силно изразено негативно влијание со долгорочни последици.

Нашата земја е со 220 сончеви денови во текот на годината од кои 50 дена се топлотен стрес и го забавуваат производството. Во вакви услови она што може да се смета за предност е вкусот на производите.

Со цел да се намали или барем да се ублажи негативното влијание од сé поприсутните климатски промени врз земјоделското производство, најпрво треба да се отпочне со примена на мерки на адаптација. Тоа подразбира дека тие мерки да се ефикасни на краток или среден рок, а во исто време потребно е да се лесни за имплементација како во практична, така и во економска смисла, сметаат експертите.

Недостасуваат преработувачки капацитети

Нашите земјоделци се јасни и гласни дека производната цена е далеку повисока од откупната. Тоа значи дека трошоците растат, а тоа не можат да го надоместат откупните цени, ниту пак државните субвенции. Недостасуваат преработувачки капацитети зошто вишокот на произведени земјоделски производи нема каде да се пласира, а за да биде уште погрда сликата земјоделските производи завршуваат во реките и доловите. Се уште негативни чувства будат сликите од Преспа од минатата сезона кога купишта со јаболка завршија на брегот на Преспанското Езеро. Зошто?

Како проблематично се смета и нестандардното производство, а просечното земјоделско стопанство има околу 2 хектари обработлива земја.

Предизвици

Македонското земјоделство во изминатите децении  се соочува со големи предизвици. Членството во СТО, Спогодбата со ЕУ, членството во ЦЕФТА, ги проширија можностите за зголемување на извозот, но истовремено ја зголемија домашната конкуренција.

Она што треба да се направи е да се регулира производната цена со откупната. Да се отворат преработувачки капацитети за вишокот земјоделски производи, а светла точка е отворањето на постапката да се регулира продажбата ‘од куќен праг’ со правилници. Ова е особено важно зошто помалите семејни земјоделски стопанства заслужуваат поддршка.

Во суштина она што треба да го направиме е прилагодување на целиот земјоделски сектор на политиката што се води во Европската Унија, со исти царински прописи, фитосанитарни и ветеринарни правила, почитување на заедничка земјоделска политика, заедничко регулирање на пазарот…

 

Христина Фуна

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close