fbpx
ВестиВиноТоп вести

Која компанија во „корона“ успеа да извезе вино вредно 9,5 милиони евра?

Најголемата винарска визба „Тиквеш“ ги намалила финансиските расходи за 70 отсто и остварила нето добивка од 586.000 евра што е за 20 отсто помалку од лани. Овој финансиски резултат е постигнат во услови кога приходите од продажба се намалени за 2 милиони евра во однос на лани и изнесуваат 18,9 милиони евра. Важно да се истакне е дека во корона време „Тиквеш“ успеал да ги одржи пазарните позиции на странските пазари на кои продажбата е само 5 отсто пониска од лани

Најголемиот производител на вино, кавадаречки „Тиквеш“ за првите девет месеци годинава остварил 18,9 милиони евра приходи од продажба, што е за 10 отсто послаб резултат од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех на најпрочуената македонска компанија за производство на вина и ракија.

Во овој период на економски услови кои ги диктира корона кризата компанијата книжи пад на приходите на домашниот пазар и на странските пласмани. Дома приходите изнесуваат 9,4 милиони евра и се за 14 отсто пониски од лани, а во странство падот е само 5 отсто и приходите изнесуваат 9,5 милиони евра (и ова е охрабрувачка вест за сите инвеститори што значи дека „Тиквеш“ солидно ги одржува пазарните извозни позиции и во вакви вонредни услови на стопанисување).

Значаен пад во споредба со лани има кај оперативната добивка која на крај на септември годинава изнесува 879.000 евра и е за 42отсто пониска од истиот период лани. Падот на добивката го генерира нивото на трошоците за продаденипроизводи и услуги. Оваа трошковна ставка за првите девет месеци е 13,3 милиони евра што е за само 4 отсто помалку од лани. Значи на пад од продажбите од 2 милиони евра трошоците за продадени стоки се намалиле за 577.000 евра.

Од расходните ставки во првите девет месеци најголеми се: трошоците за набавка на суровини и материјали и тие изнесуваат 6,5 милиони евра што е за 32 отсто помалку од истиот период лани. Услугите со карактер на материјални трошоци годинава пораснале за 3 отсто во однос на лани и изнесуваат 3 милиони евра, а „Тиквеш“ во овој период ги зголемил трошоците за вработените за 11 отсто во споредба со лани и тие сега изнесуваат 1,6 милиони евра.

Бруто добивката на друштвото за овој период е 5,6 милиони евра и е за 20 отсто пониска од лани. Во овој период финансиските расходи се намалени дури за 70 отсто и изнесуваат 144.000 евра. Нето добивката на најголемата винарска компанија изнесува 586.000 евра и тоа е за 20 отсто помалку од лани.

Извор: Фактор

Слични написи

Back to top button
Close