fbpx
Вести

Свинското месо поскапо за 30 отсто, пилешкото за десет

Цената на свинското и пилешкото месо драстично скокна на светските берзи. Во скопските месарници се чувствува благо зголемување на цените, но увозниците велат дека вистинскиот шок допрва доаѓа бидејќи се уште се трошат резервите од магацините. Тие посочуваат дека главна причина за зголемените цени е побарувачката од Kина на 2 милиона тони свинско месо од ЕУ, која буквално го изместила пазарот. Kај пилешкото месо, пак, намалувањето на бројот на пилиња за товење во европските фарми е главна причина за зголемените цени. Во нашите сточарски фарми велат дека Македонија нема доволни количини свинско месо и е увозно зависна, посебно за сувомесната индустрија и затоа треба да се очекува за кратко нова цена на пилешкото и на свинското месо.

svinskoto meso poskapo za 30 otsto pileshkoto za deset

 

Помал добиточен фонд поради руското ембарго

Податоците од Агенцијата за храна велат дека во 2015 година во земјава биле увезени 74.588 тони месо и производи од месо за кои сме одвоиле нешто над 50 милиони евра. За истиот период во 2014 година увозот на оваа категорија производи изнесувал 72.619 тони. Лани од вкупно реализираниот увоз на месо и производи од месо, најголем дел отпаѓал на живинското, и тоа 25.459 тони.

Увозниците потврдуваат дека цените на свинското и на пилешкото месо одат нагоре на европските пазари. Причина за тоа е намалениот сточен фонд во Европа поради затварање на руските граници за нивните производи, но и енормното побарување од страна на Kина на свинско месо од ЕУ.

– Изминативе неколку месеци цената на свинското месо беше падната поради големите резерви што се појавија на европските берзи кога Русија ги затвори границите. По ова, се донесоа планови во ЕУ со кои се намали сточниот фонд. Сега се очекува недостиг на месо, а ако нешто нема во доволна количина, по секоја економска логика е дека цената ќе биде повисока – вели Љупчо Kостовски од „Интернационал фуд базар“, еден од најголемите увозници на месо во земјава. Според неговите информации, ако пред неколку месеци цената на свинскиот врат била 145 денари, сега за истото треба да се дадат 210 денари.

– Ако наголемо цената е повисока за едно евро, не е тешко да се сфати колку би било реалното поскапување за граѓаните – вели Kостовски. Според него, слична е состојбата и кај пилешкото месо и во овој дел треба да се очекуваат нови цени.

Во Стопанската комора на Македонија велат дека во земјава постојат триесеттина современи производствени капацитети за преработка на месо и производство на сувомесни производи, кои во потполност може да ја задоволат побарувачката на домашниот пазар.

Нема свинско за преработка

– Еден од основните проблеми со кои се соочува месната индустрија во Македонија е недостигот на суровини за преработка. Производството на свинско месо е недоволно за да ги задоволи потребите на пазарот за свежо месо поради што домашните производители се принудени да увезуваат свежо месо како суровина, при што се изложени на високи царински давачки – велат во Kомората. Kај пилешкото месо, пак, состојбата покажува дека лани најмногу сме увезле од Бразил, а потоа од Полска и Германија. Помали количини биле увезени од САД и од Словенија.

Во Србија двојно поскапување на свинското

Српските медиуми веќе една недела пишуваат како нивните граѓани се шокирани од новите цени на свинското и пилешкото месо. Свинскиот бут кај нив е веќе 70 отсто поскап од пред десетина дена, а свинското филе двојно. Пилешкото месо, пак, е веќе поскапо 30 отсто. Раде Шкориќ од Здружението на живинарите вели дека главна причина за тоа е недостигот на домашни пилиња, но и високата цена на светските берзи.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close